Кривична за триесетгодишен скопјанец, во неговиот дом пронајден околу килограм марихуана подготвена за улична продажба

СВР Скопје-Единица за недозволена трговија со дрога поднесе кривична пријава против Г.Ј.(30) од Скопје, поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „неовластено производство и пуштање во промет наркотични дроги, психотропни супстанци и прекурсори”. Од страна на Судија на претходна постапка, на пријавениот одредена му е мерка притвор во траење од 30 дена.

Единицата за недозволена трговија со дрога, по добиеното сознание дека непознато лице од Скопје, во својот дом неовластено произведува и поседува марихуана, која ја подготвува и пакува за улична продажба, презеде интензивни мерки и активности за утврдување на идентитетот на лицето и потврдување на добиените сознанија.

Од преземените мерки и активности утврдено е дека Г.Ј. се занимавал со неовластено призводство и продажба на марихуана и во текот на јули годинава, и во непосредна близина на домот засадил и одгледувал две стебла од растението канабис, а во текот на минатиот месец од засега непознато лице, за сума од 2.500 евра набавил околу 800 грама наркотична дрога марихуана, која во својот дом ја препакувал во помали полиетиленски паковки, со намера да ги пушти во улична продажба откако ќе најде купувачи.

Завчера (12.11.) со наредба од Судија на претходна постапка извршен е претрес во домот на пријавениот, при што се пронајдени и одземени околу еден килограм марихуана која била спакувана во 27 полиетиленски пакувања за улична продажба, две тегли и една кеса облепена со селотејп, две стебла марихуана, како и две засадени стебла марихуана во дворот. Исто така во домот кај пријавениот е пронајдена дигитална вага со траги од маихуана, како и 17.000 денари. Со Г.Ј. извршен е разговор и истиот појаснил дека сам ја насадил и набавил марихуаната, која е пронајдена во неговиот дом и дека планирал да ја продава откако ќе најде купувачи.