Над 160 убиени и 200 ранети по синоќешните напади во Париз

По синоќнешните напади во Париз чиј трагичен биланс е над 160 убиени луѓе и над 200 ранети, на улиците се ангажирани 30.000 полицајци, а француската Влада заседава непрекинато.

Според досегашната истрага се смета дека терористите се обучувани на домашен терен, во Франција. Аналитичарите оценуваат дека нападот во Париз, според бројот на локации и неопходната логистика за да биде изведен, бил покоординиран дури и од нападите на 11 септември во САД.

Француската полиција истакнува дека сите напаѓачи се убиени, но некои соучесници се уште на слобода. Покрај полицијата, која побара граѓаните да останат во своите домови, на сила е вонредна состојба.

Дополнително се мобилизирани 1.500 војници за да помогнат во обезбедувањето на Париз.

Во вчерашните напади најмногу загинати има во концертната сала Батаклан, каде животот го загубиле 80 луѓе, а од другите пет напади, четири беа во ресторани и еден во шопинг центар. Неколку експлозии одекнале и блиску до стадионот Стад де Франс, во тек на пријателскиот фудбалски натпревар меѓу Франција и Германија.

Претседателот на Франција, Франсоа Оланд, присуствувал на натпреварот од каде беше евакуиран.

Сочуство до семејствата на жртвите на нападите и остра осуда на овој терористички акт изразија Барак Обама, Ангела Меркел и Владимир Путин.

извор: МЕТА.мк