Поради последните случувања со бегалската криза, претседателот на Република Македонија д-р Ѓорге Иванов, по денешната обиколка на јужната гранична линија, најави дека вечерва ќе го свика Советот за безбедност.
„Армијата веќе аларамира дека има се повеќе лица кои излегуваат од Котата 59 и илегално преминуваат на премини кои не се одбележани. Тоа ќе подразбира презмење посебни мерки од страна на АРМ со цел да се насочуваат тие лица кои избегнуваат да бидат регистрирани. Штом избегнуваат да бидат регистрирани тоа дава основано сомневање дека станува збор за лица, кои секако, немаат добри намери”, изјави претседателот Иванов.
Терористичките напади во Париз, според македонскиот претседател ќе имаат реакција и врз бегалската криза.
„Гледаме утрово веќе многу земји имаат сосем поинаков пристап и кон прашањата за бегалците и прашањето за безбедноста и терористичките закани, затоа што може да се очекува веројатно и на други места слични терористички акти какви што беа синоќа во Париз. Така што, во сите земји на целиот континент безбедноста во овој момент е подигната, тоа го правиме и ние”, изјави македонскиот претседател.
Затоа, додаде претседателот Иванов го свикуваме Советот за безбедност, за да се разгледаат активностите кои ни претстојат и сите актуелните настани кои се случуваат.
„Веќе за вечерва во план е свикување на Советот за безбедност, за да ја имаме на увид оваа состојба која ни ја укажа Армијата. Станува збор за повеќе од 8.500 лица кои излегуваат надвор од спомената Кота 59“, изјави претседателот Иванов.
Во однос на новинарското прашање дали Македонија ќе гради бегалски кампови претседателот Иванов појасни дека неговиот став што го пренел и на самитот во Брисел, е дека Македонија има капацитет за 1.500 лица на југот, кои би транизитирале, и за уште 500 лица на север каде би излегувале.
„Македонија нема да гради бегалски кампови, туку остануваме транзитна зона. Сите овие настани кои денес и вчера се случуваат, ќе ги променат политиките на земјите-членки на ЕУ, затоа што очигледно е дека коридорот кој го отворија бегалците, сега го користат мигрантите, но и странски терористички борци. Јас лично барав ФРОНТЕКС да се распореди на грчко – македонската граница бидејќи тоа е европска граница, и да ги евидентира оние кои излегуваат од ЕУ. Одговорот беше дека тоа се уште е чувствително прашање и има негативна атмосфера меѓу јавноста во Грција. Меѓутоа очигледно е дека Грција не сака да евидентира кој излегува од нејзината територија”, рече претседателот Иванов.
На прашањето што од договорот на Самитот во Брисел досега е спроведено, претседателот Иванов изјави дека досега Македонија добила само 90.000 евра помош од ЦК на Италија за нашиот Центар за кризи.
„Италија најави дека сега ќе ни помогне со стотици илјади евра, но онаа најавена помош од ЕУ, уште не сум информиран од надлежните институции дека е добиена. Оправдувањето е дека се работи за бирократски процедури, меѓутоа нам ни е сега неопходна помошта и јавно сите податоци се изнесени дека ангажирањето на армијата и полицијата за обезбедување на премини и насочување кон Кота 59 ја чини нашата држава по еден милион евра месечно, без да се земат предвид сите трошоци кои ги имаат хуманитарните организации, ЦК, НВО-и, бидејќи на тие луѓе им е неопходна и медицинска помош, храна, вода, бидејќи има се поголем број на деца кои патуваат без родители, тоа бара извонредни напори и ангажмани, меѓутоа како што сум информиран, помошта досега се уште не е добиена”, рече Иванов.
Запрашан што ќе прави Македонија, по најавите од одредени земји за затворање на границите, македонскиот претседател изјави дека станува збор за контролирано насочување на бегалците кон пунктови, каде треба да бидат регистрирани, а не за затварање на границата. Претседателот Иванов додаде дека поради оваа нова појава која и кај нас е присутна, а тоа е бегалците да не одат на оние пунктови каде треба да се регистрираат и организирано да се транспортираат, секоја земја си презема свои мерки.
„Во таа функција е и ова извидување што го имаме со армијата деновиве, да ги видиме сите тие порозни места во кои влегуваат во нашата држава мигранти надвор од точката, и армијата заедно со полицијата ќе ни предложат кои мерки да бидат преземени. Управувачкиот комитет ќе одржи седница за овие прашања, состојбата се следи, надлежните институции си ги одржуваат сите свои надлежности според Законот за справување со кризи, бидејќи Македонија е единствена земја што воведе кризна состојба и ние имаме кризно подрачје каде важат посебни активности и посебни мерки кои ги преземаат надлежните институции“, појасни македонскиот претседател.
Претседателот Иванов денеска беше во обиколка и увид на извршувањето на редовните задачи на силите на армијата во подрачјето зафатено со кризна состојба. Македонскиот претседател ја посети јужната гранична линија кај Дојран, Гевгелија и прифатниот центар за мигранти.