Министерството за образование и наука во соработка со Ромскиот едукативен фонд од Будимпешта објави два конкурса со кои ќе додели 671 стипендија на редовни ученици во јавните и приватните средни училишта во државава кои се припадници на ромската заедница, а ќе обезбеди и дополнителна стручна помош за учениците што добиле ваков вид стипендија преку ангажирање ментори и тутори.
Краен рок за поднесување на документите до Управата за развој и унапредување на образованието на јазиците на припадниците на заедниците при МОН е 30-ти овој месец, а информации за условите, критериумите и потребните документи се објавени на интернет страницата konkursi.mon.gov.mk.
Предвидените 671 стипендија со првиот конкурс ќе може да ги користат редовни ученици во средните училишта во државата припадници на ромската заедница и државјани на Македонија кои не повторувале година во тек на образованието и не се корисници на стипендија од други институции или фирми, информираше денеска на прес-конференција заменик министерот за образование и наука Спиро Ристовски.
Од вкупно планираните стипендии 329 се за средношколци Роми корисници на стипендија во учебната 2014/2015, кои постигнале просечен успех од најмалку 3, а 342 се за средношколци Роми кои не користеле стипендија во оваа учебна година. Се доделуваат стипендии во пет категории, од 2.200 денари месечно за ученици со успех од 4.50 до 5.00 во последната учебна година, од 1.500 денари за успех од 3.50 до 4,49, од 1000 денари за успех од 3.00 до 3.49, стипендии од 1000 денари за ученици со посебни образовни потреби со постигнат просечен успех од најмалку 3 и во износ од 600 денари за ученици со успех од 2 до 2.99. Сите избрани кандидати ќе добиваат надомест девет месеци во текот на годината.
Заменик министерот Ристовски информира дека на конкурсот за обезбедување дополнителна стручна помош за учениците кои добиле ваква стипендија преку ангажирање ментори и тутори може да аплицираат сите предметни наставници државјани на Македонија вработени во јавните и приватните средни училишта. Предност при селекција ќе имаат кандидатите кои претходно биле ангажирани како ментори односно тутори во рамки на проектот. Избраните кандидати ќе добиваат месечен надомест од 3.000 денари.
Според директорот на Управата за развој и унапредување на образованието на јазиците на припадниците на заедниците при Министерството, Реџеп Али Чупи интересот за стипендиите секоја година е се поголем. Ако во првата година на објавувањето на конкурсот за 700 стипендии имало само 466 апликации сега годишно има над 1000 апликации за околу 600 стипендии. По 670 стипендии годишно ќе се доделуваат до крајот на 2018. Во текот на проектот, оцени Реџеп Али Чупи се постигнати исклучително позитивни резултати.
Се потврдува, како што рече, дека со соодветна поддршка насочена кон учениците Роми тие како и другите постигнуваат солидни резултати и понатаму го продолжуваат образованието на некој од државните или приватните факултети во земјава и надвор што е очигледно во последните неколку години. Од доделените 3.465 стипендии во периодот од 2009 до 2015 година, 3.412 стипендисти успешно ја завршиле тековната учебна година и преминале во друга, а средниот просек на нивните постигнувања изнесува 3.65. Од вкупно 712 стипендисти кои завршиле средно образование, 251 ученик Ром продолжиле да се школуваат на некои од факултетите во државата, што претставува 35,25 проценти од вкупниот број ученици кои завршиле средно.
Министерството во соработка со Ромскиот едукативен фонд од Будимпешта обезбедува финансии за стипендирање, менторство и туторство на средношколци Роми седма година по ред. Во изминатите шест години по тие основи се исплатени 85 милиони денари од кои 60 проценти обезбеди МОН, а 40 проценти Ромскиот едукативен фонд.