Во врска со вчерашните терористички напади во Париз, Република Франција, а во насока согледување на состојбите и подигнување на нивото на безбедност и мобилност на полицијата, министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски одржа колегиум со највисокото раководство во МВР. Притоа на колегиумот, иако беше констатирано дека во моментов не постои конкретна закана по безбедноста на граѓаните на Република Македонија, беа донесени повеќе заклучоци коишто ќе бидат веднаш реализирани.
Меѓудругото, ќе биде зајакната безбедноста во и околу објектите кои се во функција на полицијата; ќе бидат зајакнати мерките и активности при обезбедување на јавни собири и спортски манифестации на кои има присуство на поголем број на граѓани; како и зајакнување на контролата над мигрантите кои остваруваат влез во Република Македонија, а посебно во привремениот транзитен центар во Гевгелија како и на северната и јужната граница опфатени со Одлуката за прогласена кризна состојба.
Исто така на колегиумот на МВР покрај низата оперативни активности во функција на поголема ефикасност и мобилност на полицијата и другите надлежни служби, за чие што итно спроведување се задолжени организационите единици при министерството, беше заклучено да се преземат дополнителни мерки и активности за обезбедување на личности и витални објекти кои ги обезбедува Министерството за внатрешни работи.