Пронајдено исчезнатото лице од Враништа

Полициската станица од Струга, на 13-ти овој месец успешно ја заврши дводневната акција за пронаоѓање и спасување на жител на селото Враништа што претходно беше пријавен за исчезнат.

Во акцијата, на местото викано „Врагудењца“ лоцирано во атарот на селото Радожда, беше пронајден К.Ц. (70) од струшкото село Враништа, кој ден претходно беше пријавен за исчезнат. Околу 13 часот и 30 минути, полициските службеници го забележаа К.Ц. во планинскиот дел источно од магистралниот пат Струга-Ќафасан. Тој бил во хипотермичка, свесна, но неконтактибилна состојба. После пронаоѓањето и првично дадената помош, К.Ц. со медицинско возило е пренесен во Општата болница во Струга на понатамошно лекување.

Во дводневната акција, беше ангажиран поголем дел од униформираниот полициски состав, инспектори од криминалистичката полиција како и две лица од селото Мали Влај. Тие, групирани во неколку тимови, два дена вршеа дневни и ноќни прегледи и претреси на поширокото подрачје на теренот во близина на Радожда.

Инаку, на 12-ти овој месец околу 20 часот и 30 минути, членови од неговото семејство во полициската станица во Струга го пријавија исчезнувањето на К.Ц. кој во пределот Ќафасан-Мали Влај заминал да збира печурки.

IMG_3046 IMG_3047 IMG_3048