Во тек е Конкурсот за финансирање проекти од областа на креативните индустрии за 2016 година

Во тек  еГодишниот конкурс за финансирање проекти од национален интерес во културата од областа на креативните индустрии за 2016 година. Министерството за култура на Конкурсот, кој трае до 4.12.2015 година, ќе поддржи проекти кои се во функција на промоција, афирмација и развој на креативните индустрии, во следниве сектори: визуелни уметности (графички дизајн, мултимедијален дизајн); индустриски дизајн, дизајн на производ и моден дизајн; како и манифестации/фестивали и конференции/форуми од областа на креативните индустрии.

На Конкурсот, право на учество имаат здруженија и други правни лица кои се регистрирани во Централниот регистар на Република Македонија и физички лица. На Конкурсот не може да учествуваат национални установи од областа на културата, локални установи од областа на културата, општини и образовни установи, но тие можат да бидат партнери во проектите со субјектите што имаат право на учество на Конкурсот. Пријавата од областа на креативните индустрии, која е составен дел од Конкурсот, е објавена на веб-локацијата на Министерството за култура (www.kultura.gov.mk).

Конкурсот за финансирање проекти од национален интерес во културата од областа на креативните индустрии за 2016 година, кој се објавува по четврти пат, е активност предвидена со Националната стратегија за развој на културата за периодот 2013-2017 година заради унапредување на овој мошне значаен сектор. Министерството за култура досега има поддржано околу 150 проекти кои нудат различни иновативни уметнички форми и содржат препознатливи естетски вредности.

Владата на Република Македонија и Министерството за култура во изминатиот период презедоа повеќе чекори за запознавање на јавноста и на бизнис-заедницата со значењето на креативните индустрии. Министерството за култура реализираше богата програма на тематски креативни работилници, низа конференции и форуми, а беа потпишани и повеќе документи, меѓу кои е донесена и Стратегија и акциски план за развој на креативните индустрии во Република Македонија. Неодамна беше отворен и првиот Центар за дизајн во Република Македонија – Јавна соба, кој е единствен од ваков вид и на Балканот, урбан, иновативен и мултимедијален простор кој нуди соодветни услови за продукција и презентација на современите културни и уметнички програми на независниот културен сектор.