Министерот за одбрана, Зоран Јолевски вчера во Вашингтон оствари средби во Сенатот и во Пентагон со Сенаторот Роџер Викер и со заменик помошникот на секретарот за одбрана, Лаура Грос.
На средбите министерот Јолевски посочи дека интеграција на Република Македонија во НАТО, ќе значи побезбеден регион, побезбедна Европа и посилна Алијанса. Светот е соочен со глобална закана и токму затоа потребно е да се размислува стратегиски. Во тој контекст потенцираше за потребата од одржување и осигурување на стабилноста на Балканот и пошироко.
„Затоа е потребно што поскоро Македонија и Црна Гора да бидат поканети во НАТО, а Босна и Херцеговина да започне со МАП процесот. Сега е најпотребно заеднички да се настапи во поглед на безбедноста на граѓаните“, истакна министерот Јолевски.
Во оваа прилика тој кажа дека Македонија интензивно работи на реформите, кои се бенефит за граѓаните но истовремено и реформи кои придонесуваат за членство во Северно атланската алијанса.
Министерот Јолевски се осврна и на мигрантската криза во Европа, каде Македонија е дел од трасата на овие лица.
Од страна на сенаторот Викер и од страна на заменик помошникот на секретарот за одбрана, Грос, беше искажана благодарност за придонесот на Македонија во мисиите на НАТО за поддршка на мирот и безбедноста. Двата соговорника се согласија со констатацијата на министерот Јолевски за потребата од интегрирање на Македонија и на регионот во НАТО алијансата. Воедно Грос ги поздрави плановите на Република Македонија за модернизација на Армијата.
На средбата со сенаторот Викер, беше и поранешниот претседател на Генералното собрание на ОН и сегашен кандидат за Генерален секретар на Обединетите нации, Сраѓан Керим, кој додаде дека членството на Македонија во НАТО е поддржано од сите партии и од граѓаните на Република Македонија.
Во текот на денешниот ден министерот Јолевски ќе има средби со повеќе сенатори и конгресмени. Вечерва во Театарот Гринберг ќе се одржи концерт на нашиот и светски познат гитарист, Влатко Стефановски, кој е во организација на Министерството за одбрана. Овој концерт e традиционален 6-ти по ред, и е насловен „Благодарност на Македонија кон граѓаните на Соединетите Американски Држави”.
Концертот се одржува пред големиот американски празник, Денот на благодарноста. Преку овој концерт се изразува благодарност за сета поддршка која ја добивме во изминативе 24 години независност.