Директорот на Царинската управа и претседателот на Самостојниот синдикат Царинска управа, денес потпишаа нов Колективен договор на Царинската управа.
Со Колективниот договор целосно се уредуваат правата, обврските и одговорностите од работен однос на работниците и работодавачот, обемот и начинот на остварување на правата и други прашања од интерес на работниците и работодавачот.
Потребата од нов Колективен договор произлезе од измените на Законот за Царинската управа и негово усогласување со Законот за административни службеници и Законот за вработени во јавниот сектор, како и донесувањето на нов Правилник за организација на работата на Царинската управа и нов Правилник за систематизација на работни места. Во новиот Колективен договор направени се следниве измени: класификацијата на работните места е усогласена со Законот за Царинската управа, усогласени се називите на работните места со новите Правилници, додадена е нова одредба за начинот на утврдување на вредноста на бодот за пресметување на платите согласно направената измена во Законот за Царинската управа, додадена е одредба за задолжително донесување на План за вработување усогласена со Законот за вработени во јавен сектор, додадена е и измена во делот на водење на дисциплинска постапка.
Измените на Колективниот договор се од взаемен интерес како на работниците, така и на работодавецот и се очекува да придонесат за поголема продуктивност при работењето на царинските службеници.