Јолевски: Потребна е сеопфатна стратегија за справување со безбедносните закани во Европа и светот

Министерот за одбрана, Зоран Јолевски вчера оствари средби во Стејт департментот, Сенатот и Конгресот.

Најнапред во Стејт департментот оствари средба со Тери Вулф заменик на специјалниот претставник на Претседателот Обама за глобалната коалиција против ИСИЛ, а потоа се сретна и со Хојт Ји, заменикот помошник државен секретар за европски и евроазиски прашања, одговорен за американските односи со земјите од Централна Европа и Јужна Европа.

Европа вклучувајќи ја и Југоисточна Европа директно ги чувствуваат последиците од нерешените проблеми во мала Азија. Терористичките акти кои се случија деновиве во Европа и пошироко, се напад врз демократијата, мирот, безбедноста на граѓаните, заклучија соговорниците.

По средбите во Стејт департментот, министерот Јолевски оствари одвоени средби со сенаторот Том Котон, и со конгресмените, Роберт Адерхолт и Данкан Хантер.

Од страна на претставниците на Сенатот и Конгресот беше упатена благодарност до Македонија и македонските граѓани за поддршката која ја дава за мирот, стабилноста и безбедноста онаму каде е потребно. Подготвеноста и професионалноста на македонските војници покажа дека се рамо до рамо со останатите војници од земјите членки на НАТО алијансата. Дополнително беше кажано дека ја поддржуваат Македонија во остварување на своите цели, НАТО и ЕУ и дека ќе помогнат овие цели да се остварат.

Денес министерот Јолевски замина за Вермонт, каде ќе го посети Универзитетот „Норвич“, при што ќе оствари неколку средби на кои е предвидено да се разговара за идната соработка со Воената Академија, „Генерал Михаило Апостолски“. Воедно, министерот Јолевски ќе има и работна средба со командантот на Националната гарда на Вермонт, генералот Стивен Креј.

Dankan-Hanter_