Прием на македонската кик-бокс репрезентација

Претседателот на Република Македонија, д-р Ѓорге Иванов денеска ги прими претставниците на македонската репрезентација во кик-бокс, по повод остварениот успех на 20. Светско првенство во Белград, одржано од 24 октомври до 1 ноември, на кое македонските репрезентативци освоија два златни и еден бронзен медал.

Македонскиот претседател упати честитки за постигнатиот голем успех на македонските репрезентативци и им порача и во иднина да продолжат достојно да ја претставуваат Република Македонија на големите спортски натпреварувања.

Претседателот на КБФМ, Александра Нелковска, тренерот Драган Атанасовски и кик-боксерите Ненад Манојловски, Димитар Ѓорѓиев и Стефани Тодорова се заблагодарија за приемот и укажаната чест од страна на претседателот Иванов и изјавија дека и во иднина ќе направат се достојно да ја презентираат Македонија во светот. Тие информираа за нивните тековни ангажмани и идни планови, изразувајќи надеж дека нашата земја и во блиска иднина ќе биде домаќин на некое врвно натпреварување од овој спорт како што беше случајот во 2011 кога нашата земја го организираше Светското првенство во кик-бокс.

На годинешното Светско првенство во кик-бокс нашите репрезентативци се закитија со уште две награди. Ненад Манојловски ја освои наградата „најдобар борец” на татами, додека Димитар Ѓорѓиев стана по трет пат шампион во категоријата кик-лајт.