Спасовски: „Наша должност и обврска е унапредувањето на системот на кризен менаџмент“

„Република Македонија, нејзините институции, вклучително и Министерството за внатрешни работи, како една од важните алки во концептот на кризен менаџмент, имаат должност и обврска, како пред своите граѓани, така и во поглед на своите меѓународни пријатели и партнери крајно совесно и одговорно да пристапуваат кон развојот и унпаредувањето на овој безбедносен сегмент.“ Ова, меѓу другото, го истакна министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски на отворањето на Меѓународната конфернција – „Кризен менаџмент: предизвици и перспективи“, што во организација на Центарот за управување со кризи на РМ и американската амбасада во земјава се одржа во Скопје.

Министерот Спасовски нагласи дека – “актуелните глобални тенденции и околности, нивната динамика, точно укажуваат на нужноста од континуиран и сеопфатен институционален, нормативен, стручен па ако сакате и технолошки – развој и надградба на овој концепт како фундаментален дел од системот на националната и колективната безбедност“.

Исто така во своето поздравно обраќање до учесниците на конференцијата министерот Спасовски потенцираше дека – “благовремено детектирање, превенирање и санирање на можните кризни последиците пред се е во директна зависност од нивото на институционалната поставеност и подготвеност за соочување со какво било кризни ситуации“.

Инаку оваа конференција тематски беше посветена на концептот на кризен менаџмент во контекст на мигрантската криза, потоа системот за управување со кризи во Република Македонија, како и околу улогата на армијата во кризниот менаџмент и на високото образование во поглед на успешно лидерство и управување со кризи.