Четири години суспензија за Аријан Адеми

Аријан Адеми, македонскиот репрезентативец и член на хрватскиот Динамо Загреб, доби четири години суспензија од страна на УЕФА.

24-годишниот играч од средниот ред, беше позитивен на забранета супстанца по победата од 2:1 на Динамо Загреб во Лигата на Шампионите над Арсенал во септември, поради што УЕФА започна истрага. По сослушувањето во Швајцарија, управното тело на европскиот фудбал изрече долга суспензија за Адеми.

„Тешко ми е со зборови да опишам како се чувствувам во моментов. Не сум виновен, знам дека ништо не направив, а добив ваква драстична казна. Ужасно се чувствувам…“ – изјави Адеми за официјалната страна на клубот.

Динамо Загреб застанува со поддршка за својот играч. Иако исклучително шокирани и непријатно изненадени од таквиот развој на настаните, од клубот велат дека ќе направат се што можат во овие тешки времиња за Аријан.