Откриена фабрика за производство на фалсификувани патики

Царинската управа откри фабрика за целосно производство на фалсификувани спортски обувки од познати брендови.

По претходно добиена разузнавачка информација дека во подрумски простории во општина Чаир во Скопје постои работилница во која неовластено се изработуваат брендирани патики, по неколкумесечна интензивна истрага инспекторите од Одделението за истраги преземаа оперативни мерки и активности за откривање и фаќање на сторителите.

Работилницата функционирала на принцип на повремено производство, односно по неколку дена во неделата, обично пред пазарни денови, со цел да не биде воочливо работењето. Просторијата била користена по договор за закуп, но била злоупотребена за недозволено производство.

На 19.11.2015 година, по добиена наредба за претрес од судија во претходна постапка при Основниот суд Скопје 1, извршен е претрес на посоченета локација. Во работилницата се затекнати лица кои изработувале обувки, како и поголема количина готови обувки спремни за испорака на купувачи. Покрај готовите производи пронајдени се и повеќе машини на кои е вршено производството.

При извршениот претрес пронајдени се 154 пара готови обувки со лого на познати трговски марки.

Покрај готовите производи, откриени се обувки во фаза на изработка, како и голема количина репроматеријал за изработка на спортски обувки, како етикети, апликации, горништа, ѓонови, од кои би се произвела поголема количина обувки.

Производите и машините се привремено одземени, а по комплетирање на сите докази, Царинската управа на Република Македонија против осомничените ќе поднесе кривична пријава за сторено кривично дело „Повреда на права од индустриска сопственост и неовластена употреба на туѓа фирма”.

Исто така, завчера (18.11.2015 година), на царинската испостава Богородица, при контрола на стока со потекло од Грција пријавена во транзитна царинска постапка, наменета за увозник од Словенија, царинските службеници пронајдоа и привремено задржаа 530.640 парчиња (585 кутии) стикери, хартиени карти и детски играчки-колички, под основано сомневање дека повредуваат право од интелектуална сопственост на познати трговски марки.

Откриена фабрика за производство на фалсификувани патики

Покрај ова, информираме и за уште еден интересен случај – откриени 300 грама марихуана при контрола на скопски автомобил на граничниот премин Ново Село.

Истиот ден, односно на 18.11.2015 година, царински инспектори од Одделението за оперативни работи (мобилни тимови) при детален претрес на двајца македонски државјани кои на граничниот премин Ново Село пристигнале со Peugeot 206 со скопски регистарски таблички, во пределот околу стомакот под фармерките, пронајдени се 2 паковки марихуана (едната од 150 грама, другата од 50 грама), а при претрес на возилото, под касетата кај совозачкото седиште пронајдени се уште 100 грама марихуана, што е утврдено со тестирање со тестер за дрога.

Во текот на службениот разговор, лицата изјавиле дека марихуаната ја набавиле од Сандански, Бугарија.

Против осомничените е поднесена кривична пријава поради основано сомневање за сторено кривично дело “Неовластено производство и пуштање во промет на наркотични дроги, психотропни супстанци и прекурсори”.