Претседателот на Република Македонија, д-р Ѓорге Иванов, денеска прими делегација од Република Турција по повод престојниот „Ден на пријателство“ на лицата со посебни потребни од Македонија и Турција.
На средбата, на која присуствуваше и Маја Иванова, се разговараше за досегашните ангажмани на невладините организации од Република Турција за полесно вклучување во секојдневниот живот на лицата со посебни потреби и можната соработка со претставници и здруженија од Република Македонија. При тоа, беше споменат значајниот ангажман во многу проекти и активности на Маја Иванова за помош на овие лица.
Претседателот Иванов порача дека лицата со посебни потреби заслужуваат посебно внимание со цел да им се овозможат неопходните услови за полесно интегрирање во секојдневните животни текови.
Делегацијата од Република Турција составена од амбасадорот во Република Македонија Н.Е. Омур Шолендил, г-ѓа Нимет Баш, поранешна министерка за образование, Тулај Кајнарџа, пратеничка, Локман Ајва, Ѓулај Далјан, Зехра Бетул Бајар и д-р Ајлин Чифтчи претставници на Здружението за лица со посебни потреби „Бејаз ај” и Ајше Бохурлер, колумнист, му се заблагодари на претседателот Иванов за досегашната поддршка на активностите за лицата со посебни потреби, потенцирајќи дека ваквите проекти се многу значајни за овие лица, а особено битно е креирањето на јавна свест преку организирање на кампањи за нивна поддршка.