Министерството за образование и наука објави нов конкурс за студентски стипендии за академската 2015/2016 година. Оваа година се доделуваат 2.905 студентски стипендии и согласно одлуката на Владата од мај износите на стипендиите се зголемени за 10 отсто, изјави заменик-министерот за образование и наука Спиро Ристовски, појаснувајќи дека стипендиите се поделени во четири категории.
Првата категорија на стипендии се однесува за студенти од социјално загрозени семејства, односно семејства корисници на социјална парична помош или друг вид поддршка од државата, со што предност имаат децата на самохрани родители, децата без родители и студентите со посебни потреби. Нивниот износ е 3.300 денари за 9 месеци.
Втората категорија е за студенти кои постигнале особено висок успех во учењето, и тоа за студенти запишани на техничките факултети и медицинските науки кои постигнале просечен успех од најмалку 8.50, а за студентите на општествените науки и уметностите најмалку просечен успех од 9,00. Се доделуваат 630 стипендии во висина од 4.400 денари.
Се доделуваат 125 стипендии во износ од 6.050 денари за студенти кои постигнале особено висок успех во учењето, најмалку просек 9.00, а се запишани на студиски програми по информатика.
Во последната категорија се доделуваат 650 стипендии во висина од 3.300 денари наменети за студенти запишани на природно-математичките, техничко-технолошките, биотехничките и/или медицинските науки кои постигнале просечен успех од најмалку 7.00.
Сите заинтересирани студенти можат електронски да аплицираат до 27 ноември годинава, потоа сите потребни документи, се доставуваат до Министерството за образование и наука до најдоцна до 15 декември. Резултатите ќе бидат објавени на 30 декември.