Македонија последниве години во континуитет го зголемува органското производство. Владините политики во овој сегмент и проектираната дополнителна поддршка даваат резултат, беше речено на Фестивалот на органска храна што под мотото „Вкусот на минатото, сегашноста и иднината“ се одржува денеска на Факултетот за земјоделски науки и храна.
Но, не само што е зголемено производството, беше посочено дека полека се менуваат и навиките на потрошувачите, нивниот вкус. Тие се повеќе бараат и знаат да препознаат домашни, органски земјоделски производи.
„Фестивалот е уште една потврда дека храната е грижа на сите нас и дека органското и традиционалното производство имаат иднина во Република Македонија“ – истакна директорот на Агенцијата за храна и ветеринарство Зоран Поповски во воведното обраќање.
Посебно радува фактот, рече тој, што годинашното есенско издание на Фестивалот се одржува токму на Меѓународниот ден на децата 20 ноември.
„Токму децата денес се носители на голем број активности во промоцијата на органското производство и здравиот начин на живеење, а тоа бара од сите нас како граѓани, институции на системот, науката, но, пред се и како родители, максимален ангажман за обезбедување на нивната здрава иднина. Верувам дека во нив е моќта кај секој од нас да ги променат навиките во исхраната, да не вратат кон природата, кон традицијата, кон органската храна, зошто по неа сме и треба да останеме препознатливи во светот“ – посочи директорот Поповски.
Во рамки на оваа манифестација, додаде тој, преку забава, спорт и дружeње, на едукативните работилници, децата и денес учат за органската храна, а токму таа е ден од основите за добро здравје. Убеден сум, рече Поповски, дека токму тие – децата, најискрено ќе ја пренесат пораката од денешниот настан, дека сакаат здраво, безбедно и безгрижно детство.
„Верувам дека во нив е моќта, кај секој од нас да ги променат навиките во исхраната, да не вратат кон природата, кон традицијата, кон органската храна, зошто по неа сме и треба да останеме препознатливи во светот“.
Според деканот на Фaкултетот за земјоделски науки и храна Драги Димитриевски, македонските граѓани треба да бидат спокојни бидејќи кога купуваат органска храна тоа и навистина го добиваат.
„Регулативите во овој сегмент се усогласени со европските, а Македонија постојано работи и на надградба на капацитетите на институциите. Верувам во контролите што ги вршат инспекциските служби кои досега покажаа дека нема отстапување, дека она што е декларирано како органско е и навистина такво, ги исполнува условите“– напомена Димитриевски.
Почнувајќи од 2001 година, Факултетот, рече деканот, ја востанови студиската програма за еко земјоделство, вклучувајќи го тука и органското кое базира на заштита на животната средина и на производство на безбедна храна. Тоа е воедно и основа за развој на руралните средини.
Фестивалот на органска храна е под покровителство на Град Скопје. Како што нагласи претставникот од Градот Слободан Ќосев, поддршката ќе продолжи со оглед дека интенциите се манифестацијата да прерасне во традиционална.
На фестивалот на органска храна кој се одржа денес, деца од некоку скопски градинки твореа на тема „Здраво детство, природа, спорет и здрава храна – растеме органски“, а беа организирани и неколку едукативни работилници. Светлана Колариќ државен советник од Агенцијата за храна и ветеринарство, за средношколците и студентите одржа предавање на тема „Безбедна храна – здрава младина“.
На Фестивалот присуствуваа преку 20 компании и производители на органски производи, а посебен акцент е ставен на младата популација која преку едукативно-креативен пристап има можност да добие повеќе информации за здравиот начин на живеење.
Целта на Фестивалот е помасовно да се промовира важноста на органското земјоделско производство за економскиот развој, заштитата на животната средина и здравјето на луѓето.