Заврши четириесет и седмата седница на Советот на општина Охрид

Нешто повеќе од четири часа, траеше денешната 47-ма седница на Советот на општина Охрид. Советнички прашања беше единствената точка на дневниот ред, а советниците по однапред утврден ред поставуваа прашања до градоначалникот, локалната самоуправа и јавните претпријатија.

Доминираа прашања од инфраструктурата, кои покриваа различни региони од општината и потребите на граѓаните. Беа поставени прашања за приоритети во спроведувањето на инфраструктурните проекти, изградбата на новата автобуска станица, катните гаражи, водоводни и атмосферски инсталации, изработка на детални урбанистички планови.

Во најголем дел одговораше градоначалникот Бакрачески, а за деталите поврзани со работата на јавните претпријатија одговараа нивни претставници.

За издвојување е дека шпекулациите за изградбата на новата автобуска станица се без основа и дека според градоначалникот Бакрачески, инвеститорот со потребната динамика ќе го реализира овој капитален објект за Охрид. Исто така е потврдено дека во Охрид во овој момент е извесно дека ќе се гради само една катна гаража. Според градоначалникот Бакрачески, Локалната самоуправа во реализирањето на проектите се раководи од програмата која беше презентирана пред граѓаните и од ургентноста и потребите на граѓаните.