Честитка од претседателот Иванов по повод Денот на албанската азбука

Претседателот на Република Македонија, д-р Ѓорге Иванов по повод одбележувањето на 22 Ноември – Денот на aлбанската азбука упати честитка која интегрално ја пренесуваме.

„Почитувани сограѓани,

22 Ноември го одбележуваме како ден на кој е усвоено современото и единствено албанско писмо. На конгресот во Битола одржан во далечната 1908 година е унифицирана и e усвоена азбуката која денеска се користи како единствено писмо на сите Албанци.

Албанскиот јазик е нераскинлив дел од јазичното и културно богатство на Република Македонија. Негувајќи ја културната и етничка разноликост го осознаваме значењето на писмото и јазичниот диверзитет преку кој го јакнеме општеството. Велат јазикот е душата на еден народ, но тој се идентификува преку своето писмо. Азбуката претставува ризница на културата која нè поврзува со минатото и е инспирација за идните генерации.

Културната историја на Република Македонија памети многу датуми, датуми за настани кои нè поврзуваат и датуми преку кои учиме едни за други. На Битолскиот конгрес, албанските интелектуалци испратиле порака на заедништво, пријателство, доверба и разбирање, кое заеднички го шириме и денеска.

Почитувани,

На припадниците на албанската етничка заедница во Република Македонија им го честитам Денот на албанската азбука, а на сите граѓани сакам да им порачам дека негувајќи го јазикот и писмото даваме личен придонес кон воздигнувањето на вредностите и особеностите на јазичната култура меѓу народите во светот.“- стои во честитката.