Уште 15 дела од 14 македонски автори ќе бидат преведени и објавени од странски издавачи преку Конкурсот на Министерството за култура за финансирање преводи. Комисијата прифатила 15 од 17 апликации кои пристигнале на отворениот конкурс од септември годинава. За превод на новоодобрените наслови се наменети 1.822.800 денари.
Нив ги избра Комисија во состав Нове Цветановски (претседател), Виолета Димова и Енвер Беќири (членови), а резултатите денеска на прес-конференција ги соопшти министерката за култура Елизабета Канческа-Милевска.
На српски јазик ќе бидат преведени пет книги: „Deus Ludens или кратка географија на теуругијата“ од Љубиша Георгиевски (Македонски информативен и издавачки центар од Панчево); „Скриена камера“ од Лидија Димковска и „Светлата иднина почнува утре, најдоцна задутре“ од Душко Родев („Агора“ од Зрењанин); поемата „Ако“ од Трајче Кацаров (Удружење књижевника Србије); „Јазичен триптихон и други песни“ од Славе Ѓорго Димовски („Архипелаг“ од Белград).
Четири книги ќе добијат поддршка за превод на италијански од издавачката куќа „Беса саленто букс“ од Лече: „Човечулец“ на Александар Прокопиев, „Америка“ на Жарко Кујунџиски, „Куфер за тројца“ на Живко Гроздановски и поетската книга „Жедби“ на Катица Ќулавкова.
За превод на бугарски јазик се поддржани два наслова: „Враќањето на зборовите“ од Гоце Смилевски („Колибри“ од Софија) и „Невестата на змејот“ од Влада Урошевиќ („Изида“ од Софија), и два наслова за превод на украински јазик од издавачката куќа „Твердинија“ од Луск: „Запалка“ од Натали Спасова и „Вишнова хроника“ од Фросина Пармаковска.
Романот „Неверство“ од Дејан Трајкоски ќе биде преведен на ерменски јазик од издавачката куќа „Антарес“ од Ереван, а од Лидија Димовска поддршка за превод ќе добие уште еден роман – „Резервен живот“ на англиски јазик, кој ќе го објави „Two lines press“ од Калифорнија.
Од почетокот на 2014, од кога се применува оваа стимулативна мерка предвидена со Националната стратегија за култура за периодот 2013-2017, поддршка за превод добиле 62 книги од 40 автори на 18 јазици, а вкупно за сите нив се обезбедени 7.290.000 денари.
Министерката Канческа-Милевска истакна дека мерката се спроведува во интерес на македонските автори, за да се олесни нивниот пристап до странските издавачки куќи и да им се обезбеди поголем пласман на нивното творештво во меѓународен контекст.
„Уверена сум дека преводите на македонските автори ќе бидат придобивка за многу генерации, како трајна вредност, како голем влог во промоцијата на нашата култура во Европа и во светот“ – рече Канческа-Милевска и најави дека новиот конкурс за странски издавачи ќе биде објавен во јануари 2016 година и ќе биде отворен во текот на целата година.
За придобивките на овој проект на Министерството за култура, со кој македонската литература станува повидлива во светот, зборуваа претставниците на Комисијата, Цветaновски и Димова, и авторите Прокопиев, Трајкоски и Пармаковска кои добија поддршка за превод.
Претседателот на Комисијата Нове Цветановски истакна дека благодарение на Конкурсот, македонската литература како никогаш досега немала толкав експанзивен излез во меѓународниот книжевен простор.
„Во Македонија има квалитетни дела, но патот за меѓународна афирмација беше тежок. Ние сме помала јазична средина и тешко е да се најде издавач, добар преведувач, а најтешко е да се најдат пари. Благодарение на Министерството за култура, македонските автори веќе го имаат тоа“ – рече Цветaновски.
Тој додаде дека на Конкурсот рамноправен третман имаат сите квалитетни дела, а рамноправен третман имаат и младите автори, посочувајќи ги како пример Натали Спасова и Фросина Пармаковска, чиј роман „Вишнова хроника“, по објавата на бугарски јазик, доби поддршка и за превод на украински јазик.
„Проектот за поддршка на превод на македонската литература е еден модерен дискурс кој ќе донесе револуција во афирмацијата на македонската литература во странство. Зборот револуција овде не е пресилен, затоа што по пет-шест години, со ова темпо, ќе бидат преведени 200 до 300 книги претежно кај сериозни издавачи, што ќе резултира, се надевам, со најмалку педесетина гостувања на промоции на нашите автори, со што нашата литература ќе застане на едно многу повисоко место“, рече Дејан Трајкоски.
Тој додаде дека овој проект е начин на поддршка и на помладите автори, кои без него, не би имале никаква шанса да бидат преведени во странство. Што се однесува на мојот роман, се радувам што ќе биде објавен кај најголемиот издавач од Ерменија, Антарес, кои речиси секој ден издаваат по една книга, и имаат луксузно портфолио на квалитетни автори како Томас Ман, Џорџ Орвел итн.