Во врска со соопштението од ОО на СДСМ Охрид, реакција испрати Општина Охрид во која стои:
„Се поочигледно е нашето тврдење кое континуирано го споделуваме со јавноста во изминативе две и пол години, а тоа е дека СДСМ – Охрид и нивната советничка група исклучиво седниците на Советот на Општина Охрид ги користат за политички маркетинг без притоа ни малку да им е грижа за решавање на определен проблем на граѓаните на Охрид. Кога тоа нема да им успее и ќе бидат „бомбардирани“ со факти и релевантни податоци, бараат начин надвор од седницата на Совет да полемизираат на теми за коишто се водело дискусија на седницата на Совет со таа разлика што таму каде што тие одбираат да ја водат „политичката битка“ го нема градоначалникот Бакрачески, аргументирано да им ги сруши сите обиди за манипулација со граѓаните на Охрид. Сето ова е надополнето со оскудните знаења и неподготвеноста на опозицијата за дискусија по однос на значајни теми и проекти за Охрид (тоа впрочем е она за што граѓаните ги плаќаат).
Удавени во сопствената суета како израз на апсолутна немоќ поставуваат прашања на кои и самите не знаат каков одговор треба да очекуваат.
Се чудевме каква форма ќе пронајдат од СДСМ – Охрид за да успеат да избегаат и од советничките прашања, односно да се оттргнат од можноста директно да се соочат со градоначалникот Никола Бакрачески.
И еве, денес во јавноста излегуваат со смешно соопштение од кое сите може јасно да видат две работи:
Првата е дека на а седницата на Совет биле присутни само физички и не успеале да разберат што им се одговорило на поставените прашања, а втората е дека по неколку дена се свестиле оти поставиле прашања на коишто Градоначалникот успешно одговорил со сите факти и релевантни податоци кои во тој момент ги имал на располагање. Многу е веројатно и дека кај господата од СДСМ проработила суетата или некој ги искарал за така дефинираните прашања и морале денес со брзоплето соопштение да излезат во јавност користејќи вакви лаги и манипулации.
Почитувани од СДСМ, зарем мислите дека граѓаните го заборавиле вашиот период на мрачно владеење со Охрид? Не реализиравте ниту еден проект, задолживте неколку генерации охриѓани, а денес се обидувате со смешни додавки да го маргинализирате решавањето на најкрупните проблеми на граѓаните на Охрид за само две и пол години.
За тоа дека вашето соопштение е неточно и невистинито сведоци се и претставниците на медиумите кои известуваа за седницата на Совет, а преку тоа и граѓаните на Охрид имаа можност да ги слушнат ставовите на Градоначалникот во однос на поставените прашања.
Почитувани од СДСМ, отворено ќе ве прашаме: Како тоа Градоначалникот не одговорил на ниту едно прашање, а вие на Седницата ја користевте статутарната можност да поставите и дополнително прашање?
И на крајот, користењето на вашата последна реченица „Збогум Никола“ ја искажува вашата неинвентивност и неподготвеност да смислите нешто ново, туку и понатаму продолжувате да користите веќе досадни и видени фрази.“ – се вели во реакцијата од Општина Охрид.