Заменик министерот за образование и наука Спиро Ристовски и директорот на Агенцијата за млади и спорт (АМС) Марјан Спасески денеска го посетија Институтот за спорт при Факултетот за физичка култура каде што ја разгледаа опремата набавена од Агенцијата за проверката на антропометриските, моторичките, функционалните и психолошките карактеристики на сите млади и талентирани спортисти.
„Станува збор за најсофистицирана опрема со која што се добиваат вистинските квалификции за учениците, нивната здравствена состојба, спортските перформанси, а се води и посебно досие за секој од учениците. Врз основа на тие податоци се изработува посебна програма и се следи ученикот, а доколку се појават извесни потреби, можат да се корегираат дел од почетните квалификации кои биле предодредени“, истакна Ристовски.
Директорот на АМС Спасески потенцира дека за поддршка на Институтот, Агенцијата досега набавила опрема односно апаратура и реквизити во вредност од 1.200.000 денари.
Покрај намена за проверката за антропометриските, моторичките, функционалните и психолошките карактеристики на сите млади и талентирани спортисти, Спасески истакна дека Институтот излегува во пресрет и на Националните спортски федерации. Потсети дека од април годинава се врши и континуирано следење на постигнувањата на спортистите од македонската карате федерација, кои се учесници на ЕП и СП.
Информира дека во следниот период предвидено е отворање и на советувалишта за спорт, спортска психологија, кинези терапија, биомеханика и исхрана, каде ќе се поддржуваат тренерите, клубовите, националните спортски федерации и врвните спортисти.
Според деканот на Факултетот Вујица Живковиќ, од информациите добиени направени врз база на проверка на спортистот со новата опрема ќе се добие база на податоци од која ќе може да се направи национална стратегија за развој на спортот.
Појасни дека со новата опрема се тестира кислородната потрошувачка на спортистите, експлозивната силина на долните екстремитети, тест за проценка на флексибилноста, скок во далечина…