Премиерот Никола Груевски заедно со владина делегација во чиј состав се вицепремиерот задолжен за економски прашања Владимир Пешевски, министерот за надворешни работи Никола Попоски и заменик министерот за економија Христијан Делев се во неколкудневна посета на Народна Република Кина.
Претседателот на македонската Влада ќе учествува на 4-тиот Самит на шефови на Влади на земјите на Централно Источна Европа и НР Кина (16+1) и 5-тиот Економско-трговски форум во Суџоу, кој ќе се отвори денес, а на кој се очекува да присуствуваат повеќе од 1.000 претставници од бизнис секторите на 16-те земји од државите од ЦИЕ и Кина.
Самитот ќе го отвори премиерот на НР Кина, Ли Кечианг, а на него освен од Македонија, ќе учествуваат делегации од Естонија, Унгарија, Латвија, Литванија, Чешка, Полска, Романија, Словачка, Словенија, Хрватска, Србија, Црна Гора, Босна и Херцеговина, Албанија.
Иницијативата за самитите произлезена од Кина со државите од Источна и Централна Европа која потекнува уште од 2012. година во основа се состои од волјата за соработка, вложување во повеќе конкретни инфраструктурни проекти и забрзан економски развој.
Инаку, Република Македонија ја поддржува иницијативата на Владата на Кина за потесна соработка со земјите од Централна и Источна Европа во рамките на Процесот 16+1, при што до сега има реализација на значајни капитални проекти како што е изградбата на автопатските делници Миладиновци-Штип и Кичево-Охрид, финансирани во соработка со кинеската ЕЏИМ Банк.
Истовремено од македонска страна постои интерес за нови инфраструктурни проекти кои би можеле да бидат предмет на понатамошна соработка.
Во рамките на посетата планирана е и средба на премиерот Груевски со претседателот на НР Кина, Си Џипинг, како и бизнис форум во Пекинг каде ќе бидат претставени можностите за инвестирање во Македонија и потенцијалите со кои располага Македонија како држава со поволна бизнис клима.