Министерот за образование и наука Абдилаќим Адеми, денеска присуствуваше на регионалната конференција „Младинско претприемништво во регионот на Западен Балкан“, која се реализира во рамките на проектот „Поттикнување на младинско претприемништво во Западен Балкан“, со кој раководи канцеларијата на Британскиот совет во Република Македонија.
Адеми истакна дека претприемничкото образование зазема значајно место помеѓу приоритетите на Владата на Република Македонија и Министерството за образование и наука. Развивањето на претприемничкиот дух кај младите е повеќе од неопходно почнувајќи од образованиот систем и понатаму во контекст на доживотното учење.
„Креативноста и иновативноста се потребни во секоја пора од општествениот и економскиот живот на Република Македонија. Затоа Министерството за образование и наука во континуитет превзема мерки со кои претприемничкото образование се практикува како дел од редовниот наставен процес. Училиштата имаат значајна улога во креирање и реализација на претприемничкото образование, затоа што најголем дел од претприемничките вештини можат да се вградат и изучуваат во редовните наставни програми“, рече Адеми.
Министерот истакна дека во образовниот систем на Република Македонија направени се измени во наставните содржини при што се воведени теми од областа на претприемништвото и иновациите по 6 предмети во деветгодишното основно образование. Во основното образование, во деветто одделение е воведен предметот „Иновации“, додека во средното образование воведен е предметот „Иновации и претприемништво“ кој се изучува од 1-ва до 3-та година, а во 4-та година се изучува предметот „Бизнис и претприемништво“.
Министерството за образование и наука како учесник во креирањето на високообразовните политики и нивното спроведување придава големо значење на развивањето и флексибилноста на студиските програми со цел да се обезбеди позначителна застапеност на претприемништвото, потенцираше Адеми.
„Примарната цел во високото образование е развивањето на претприемачките капацитети и свесност за претприемништвото. Интеграцијата на претприемништвото во студиските програми треба да стане дел од пошироката визија за развој на високообразовните установи. Активностите на претприемништвото се единствените во еден современ универзитет кој се посветува на трите најважни цели: истражување, образование и комерцијализација на знаењето“, рече Адеми.