При контрола на турски автобус извршена во близина на наплатната станица кај Велес, мобилен царински тим откри бункер полн со златен накит и монети.
Утрово за рутинска контрола на патниот превец Велес – Скопје, мобилен царински тим сопре автобус со турски регистарски ознаки кој сообраќал на редовна линија Истамбул – Гостивар. Претходно автобусот влегол во државата од Грција преку граничниот премин Богородица.Заради немање соодветни услови за спроведување на детален преглед, автобусот со царинска придружба е пренапатен во царинската испостава Скопје 4 кадешто е извршено детално пребарување. Притоа, во багажниот простор на автобусот, во средината помеѓу предните тркала е откриен специјално изработен бункер за криумчарење стока од каде се извадени 20 опаковки – најлонски кеси обвиткани со селотејп трака. Во нив се најдени 463 парчиња златен накит (алки, привезоци, ланчиња), 265 пара златни обетки и 40 златни монети. Вкупната тежина на пронајденото злато е 2,7 кг.
Македонски државјанин од Тетово кој во автобусот вршел должност на водич, изјавил дека златото е негово.
Случајот е предаден на Одделението за истраги кои во моментов вршат распит.
Против сторителот ќе биде поднесена кривична пријава за сторено кривично дело „криумчарење” до надлежното јавно обвинителство.
Ова е втор спречен обид за шверц на злато овој месец. На сличен начин, на 18 ноември, во турски автобус беа пронајдени 1,5 кг злато.