Нови 14 наслови од проектот Превод на 1000 стручни, научни книги и учебници од кои се учи на 10-те најдобро рангирани универзитети во светот од областа на природно-математичките науки, право, економија, електротехнички, телекомуникациски и компјутерски науки и енергетика денеска беа промовирани, со што вкупно 933 наслови се преведени, отпечатени и промовирани од почетокот на проектот во 2009 година.
Премиерот Никола Груевски на промоцијата на новите книги истакна дека овој проект, кој е проширен на 1.200 наслови, е меѓу капиталните со кои Владата инвестира во образованието, знаењето, науката, младите и иднината на Република Македонија.
„Еден од главните адути на нашиот напредок и економски развој е токму човечкиот фактор, образованието и создавањето квалитетни кадри со високо ниво на знаење, кои ќе ја повлечат државата напред во сите полиња од значење за подобар живот. Наша должност, но и голема чест, е да ги овозможиме сите услови за квалитетен развој на младите и стручни кадри и на секој кој е желен да се унапреди во својата професија или хоби да му се помогне. Затоа инвестирањето во образованието, науката, знаењето, младите и иднината на Македонија и понатаму останува еден од главните приоритети на Владата“, рече Груевски на 57-мата промоција од проектот.
Заменик-министерот за образование и наука Спиро Ристовски рече дека иако реализацијата на овој проект е во завршна фаза, книжниот фонд ќе продолжи да се надополнува.
„На листата веќе се додадени 50 нови наслови предвидени за оваа календарска година, кои беа дефинирани во соработка и на барање на универзитетите во земјава. Тоа значи дека продолжуваме со надградбата на оваа капитална инвестиција која е дел од пошироката стратегија на Владата за унапредување на образованието, науката и поттикнување на иновацијата и технолошкиот развој“, рече Ристовски.