На 26-ти и 27-ми ноември повеќе тимови на Царинарница Битола за контрола на обележување и употреба на контролни марки – бандероли извршија контрола на 7 малопродажни и 22 угостителски објекти, кои вршат промет со акцизни добра на територијата на општините Прилеп, Битола, Охрид, Струга и Вевчани.
При 5 одделни наоди кај правни лица – угостителски објекти во Битола, Охрид и Струга се привремено задржани 26,2 литри ракија и вкупно 8,75 литри други алкохолни пијалоци – узо, виски и амарето. При 1 наод кај правно лице – продавница во Прилеп се привремено задржани 20 литри ракија.
Сите привремено задржани алкохолни пијалоци, во вкупна количина од 54,95 литри воопшто не биле означени со контролни марки, ниту поседувале било каков сертификат за квалитет, а се нуделе на продажба.
Царинската управа уште еднаш апелира на внимателност на граѓаните затоа што конзумирањето неиспитани, потенцијално неисправни алкохолни пијалоци неозначени со контролни марки претставува сериозен ризик по здравјето и животот на луѓето.
Против прекршителите Царинската управа презема соодветни постапки.