УНИЦЕФ: Сите да дадат заложба со поддршка за фер шанса за децата со попреченост

УНИЦЕФ заедно со група активисти започнува со кампања за да поттикне акција преку која ќе се смени начинот на кој општеството гледа на децата со попреченост и начинот на кој се однесува кон нив. Стигматизацијата, ставовите и недостигот на свесност придонесуваат кон дискриминацијата и отфрленоста со кои се соочуваат децата со попреченост.

„Децата со попреченост се среќаваат со различни бариери за нивна инклузија. Ставовите во општеството често претставуваат поголема попреченост отколку состојбата на детето или попреченоста што ја има“, – рече д-р. Бертран Демулен, претставник на УНИЦЕФ, кој додаде дека „Децата со попреченост може да ги остварат своите целосни потенцијали доколку општеството го смени начинот на кој гледа на нив“.

За да се постигне инклузија на децата со попреченост општеството мора да стане посвесно за нивните права и да почне прво да ги гледа нивните способности, пред да ја забележи попреченоста.

Оваа кампања е дел од повеќегодишна стратегија за мобилизирање широка поддршка и зголемување на бројот на граѓани кои даваат поддршка за еднакви права и инклузија на децата со попреченост.