Заменик министерот за образование и наука Спиро Ристовски денеска ги додели признанијата за „Најдобра училишна веб страна“ за учебната 2014/2015 година . Овој проект Министерството за образование и наука го започна минатата година, а неговата цел е да се поттикне креативноста и квалитетот во изработката на училишните веб страни, но и натпреварувачкиот дух меѓу учениците.
„Во категоријата за основните училишта, каде во потесниот круг влегоа ОУ „Св. Кирил и Методиј“ од Македонска Каменица, ОУ „Кочо Рацин“ од Куманово и ОУ „Ванчо Прке“ од Штип, за најдобра училишна веб страна, избрана е страната на училиштето „Кочо Рацин“ од Куманово. Во категоријата за средните училишта, каде во потесниот круг влегоа СУГС „Здравко Цветковски“ од Скопје, СОУ „Наум Наумовски Борче“ од Крушево и СОУ „Ѓорче Петров “од Крива Паланка, за најдобра училишна веб страна, избрана е страната на училиштето „Ѓорче Петров“ од Крива Паланка“, рече Ристовски.
Јавниот повик за избор на најдобра училишна веб страна за учебната 2014/2015 година беше наменет за сите основни и јавни средни училишта во Република Македонија. Оваа година до Министерството за образование и наука стигнаа 17 валидни пријави, односно 10 пријави во категоријата за средни училишта и 7 пријави во категоријата за основни училишта.
„За рангирање на пристигнатите пријави и избор на најдобра училишна веб страна, беше формирана стручна комисија составена од претставници од Министерството за образование и наука, Министерстворо за информатичко општество и администрација, Бирото за развој на образование и Факултетот за информатички науки и компјутерско инженерство при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје. Комисијата ги разгледа апликациите и ги анализираше пријавените веб страни согласно критериуми како квалитетот на содржината, навигацијата, оригиналноста, дизајнот, презентацијата и слични карактеристики од кои зависи функционалноста на самата веб страна“, рече Ристовски.
Прворангираните училишта од секоја категорија ќе добијат по една интерактивна табла, додека другите училишта сертификати за изразената креативност.