Македонија, според податокот на Европската канцеларија за статистија – Евростат, е четврта најниско задолжена држава во Европа, што е најдобар одговор на обвинувањата од СДСМ дека ние сме ја презадолжиле државата. Ова го изјави премиерот Никола Груевски.
Пред Македонија, како што додаде Груевски, се само Естонија, Луксембург и Бугарија.
„Тоа што Македонија е четврто најниско задолжена држава во Европа не коресподира со бројките и обидите на СДСМ да го дискредитира нашето работење и да не прикаже како Влада која премногу ја задолжила државата“, рече Груевски и додаде дека Европската комисија има многу подобри податоци од оние на СДСМ што ги лиферува во јавноста во својата предизборна кампања.
Она што е важно, потенцира Груевски, е дека и во однос на крајот на минатата година последниот квартал – декември 2014 има намалување за околу 2,2 отсто на задолжувањето, кое сега изнесува околу 36 отсто.
Одговарајќи на новинарско прашање премиерот рече дека јасно е оти во периодот што претстои стратегијата на СДСМ во поглед на Министерството за финансии ќе биде во правец на „наводно“ спречување на задолжување.
„„Наводно“ спречување на задолжување во смисла дека тие херојски се избориле да не се задолжи земјата иако, и самите тие и човекот кој што таму ги претставува и експертската јавност, сите знаат дека тоа што се прави треба да се прави и ништо не се прави надвор од она што е економски оправдано. Се работи само за една предизборна кампања која треба на луѓето кои не се налезени во оваа дејност да им покаже дека еве сега СДСМ дошле имаат право на вето и тука се борат и нема да се задолжи премногу дравата“..., рече Груевски.
Тоа, како што додаде, е една гола борба, без аргументи.
„Ако таа борба прерасне во правење штета на државата секако може да има последици, но верувам дека институциите тоа ќе го спречат“, нагласи премиерот Груевски.