Во Министерството за внатрешни работи на Р.Македонија, се одржа состанок помеѓу шефицата на мисијата на Организацијата за безбедност и соработка во Европа(ОБСЕ), Амбасадорката Нина Суомалаинен и Министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски, придружувани од неколку свои соработници.
Шефицата на мисијата на ОБСЕ, Амбасадорката Нина Суомалаинен изрази особено интересирање и побара став во однос на следниве прашања: мигрантската, односно бегалска криза, борбата против тероризмот, регистрацијата на избирачите во избирачкиот список и негово прочистување со цел обезбедување на фер и демократски избори и соработката со Специјалното јавно обвинителство.
Министерот Спасовски ја запозна амбасадорката Суомалаинен со четирите приоритети за претстојниот период, и тоа: учеството во борбата против тероризмот , справувањето со бегалската криза, ефикасната подготовка и реализација на изборниот процес и соработка со Јавното обвинителство за гонење на кривични дела поврзани и кои произлегуваат од содржината на незаконското следење на комуникациите.
Спасовски изрази осуда за неодамнешните настани во Париз, при што потенцираше дека борбата против тероризмот бара поширок коалициски пристап. Во оваа насока тој информираше за мерките кои МВР ги презема во интерес на зајакнување на безбедноста во Р.Македонија. Спасовски нагласи дека Р.Македонија и понатаму останува да биде силен сојузник во борбата против тероризмот.
Во однос на мигрантската, односно бегалската криза, министерот посебно ја нагласи потребата и важноста од заедничко делување и координација меѓу домашните и меѓународните чинители, што засега е на високо ниво. Тој упати барање за помош во надминување на актуелните состојби кои се проблем не само за Р.Македонија, туку и за регионот и Европа. Едновремено, министерот се заблагодари за досега укажаната помош од ЕУ и другите меѓународни организации и држави.
Во однос на подготовката и реализација на изборниот процес, министерот истакна дека основната задача е прочистувањето на избирачкиот список со цел отстранување на можностите за злоупотреба на гласачкото право. Истовремено, тој потенцираше дека негов личен приоритет е почитување и поддршка на професионалниот однос на службите во МВР и целосна департизација на министерството.
Спасовски истакна дека обелоденувањето на аферата со прислушување алармираше за нарушените човекови права и злоупотреби на службените позиции, состојби кои беа евидентирани во извештајот на Прибе. Овие појави негативно влијаеа врз угледот на МВР и довербата на граѓаните во институциите , заради што е неопходно да се превземат активности и мерки за отстранузање на овие недостатоци. Министерот нагласи дека обезбедувањето на контрола врз системот за прислушување и влезто во телекомуникациските оператори е , исто така, врвен приоритет и дека ќе ги вложи сите напори тоа да не зависи од тоа кој е на чело на МВР, односно УБК. Министерот Спасовски искажа подготвеност за целосна поддршка и помош за работата на Јавното обвинителство за гонење на кривични дела поврзани и кои произлегуваат од содржината на незаконското следење на комуникациите, нагласувајќи дека целосното функционирање на обвинителството е особено значајно и од интерес на Република Македонија.
Во однос на наведеното, Амбасадорката Суомалаинен ја истакна нејзината, односно поддршката на ОБСЕ и изрази подготвеност за каква било поддршка на МВР и Специјалното јавно обвинителство и изрази надеж дека тоа многу брзо ке започне со работа.
Двете страни ја акцентираа важноста на соработката меѓу ОБСЕ и Република Македонија, односно ОБСЕ и Министерството за внатрешни работи, за која констатираа дека е континуирана и успешна и изразија надежи отвореност за нејзино натамошно продолжување во тој дух.