Домашните играчи ќе ги одмерат силите со странците од Првата МФЛ

На 12. декември на теренот во тренинг центарот „Петар Милошевски“ ќе се одигра натпревар помеѓу селекцијата на домашни играчи против странците кои играат во нашата Прва лига.

Иницијативата на Фудбалската федерација на Македонија и селекторот на А репрезентацијата Игор Ангеловски ја прифати тренерот на Шкендија Шпетим Дуро кој ќе го предводи тимот на странците во нашата лига.

Игор Ангеловски ќе има можност да ги одбере најдобрите наши фудбалери кои играат во нашите клубови, од друга страна Шпетим Дуро исто така ќе може да селектира одличен тим. Тука се Павловиќ, Мијушковиќ, Хамбарџумјан, Дашјан, Фелипе, Ромеро (Вардар), потоа Вујчиќ, браќата Сахити, Херера (Работнички), Азизи, Реч, Жуниор, Вручина (Шкендија), тука се Матуте (Хоризонт), Бае (Шкупи), Митровиќ, близнаците Рудан, Недељковиќ, Иванов (Силекс), Христов (Брегалница).

„Ќе одиграме два натпревари, на 12. декември против селекцијата на странци во нашата лига и два дена подоцна против комбиниран тим на младата репрезентација на Македонија. Целта е да добиеме увид во потенцијалот на играчите кои не добија шанса да настапат во А репрезентацијата на контролните натпревари против Црна Гора и Либан. Во составот нема да бидат вклучени играчи од Првата лига кои беа повикани на претходните два натпревари. Ќе биде добар натпревар, тимот на странци со Шпетим Дуро е многу квалитетен, но натпреварот е одлична можност за проверка на потенцијалот на играчите кои ќе бидат во составот“, – вели Игор Ангеловски.

„Ќе биде интересен натпревар во кој ќе имаме можност до го видиме потенцијалот на домашните играчи против странците. Одговоривме позитивно на предлогот на селекторот Ангеловски, за кого ова ќе биде добра проверка на квалитетот на играчите од домашниот шампионат од каде ќе се бараат потенцијални репрезентативци. Во исто време, ќе видиме на кое ниво се странците. Се работи за интересна идеја на селекторот која ми се допадна и со задоволство ќе се ставиме во функција за да го извлече тоа што го посакува, а во исто време ќе имаме можност да се дружиме заеднички после напорната есенска полусезона“, – изјави Дуро.

На 14. декември во Велес, селекцијата која ќе ја одбере Ангеловски составена од играчи од домашниот шампионат ќе одигра натпревар против играчи од селективниот камп на репрезентацијата до 21 година кој ќе го организира селекторот, Благоја Милевски. Предводникот на младата репрезентација со играчи од селективниот камп на 12. декември во Велес ќе одигра натпревар против Хоризонт Турново. Селективниот камп на репрезентацијата до 21 година ќе се организира во Велес од 10. декември.