Претседателот Иванов се сретна со Генералниот секретар на ОБСЕ, Ламберто Заниер

Претседателот на Република Македонија, д-р Ѓорге Иванов, денеска го прими Генералниот секретар на ОБСЕ, Ламберто Заниер.

На средбата, претседателот Иванов посочи дека Република Mакедонија ја цени соработката и поддршката што ОБСЕ ја дава во повеќе области, особено во владеење на правото, изборниот процес и законодавство, поддршка на области како што се полицијата и судството, унапредувањето на меѓуетничките односи и соживот. Во таа насока, беше разговарано за исполнувањето на политичкиот договор од Јуни/Јули и тековните активности кои се преземаат за организирање на престојните предвремени парламентарни избори, при што од особено значење е и улогата на ОБСЕ во обезбедувањето на фер и демократски слободни избори.

Во однос на актуелните предизвици со мигрантската и бегалската криза, македонскиот претседател истакна дека дозвола за влез и транзит низ Република Македонија добиваат само лица на кои им е потребна меѓународна заштита, бегалци од Сирија, Ирак и Авганистан. Претседателот Иванов нагласи дека за навремено и адекватно справување со заканата од илегална миграција е потребно распоредување на ФРОНТЕКС на грчко – македонската граница, како и интензивирање на координацијата и комуникацијата со грчката полиција и служба.

Македонскиот претседател и Генералниот секретар на ОБСЕ разменија и мислења во врска со безбедносната состојба во земјава и регионот. Во врска со справувањето со безбедносните предизвици, клучен проблем оцени претседателот Иванов, претставува недоволната размена на податоци, недоволната координација и соработка меѓу безбедносните служби во регионот.