Претседателот на СДСМ, Зоран Заев, денес одржа прес-конференција, на која истакна:
„Социјалдемократскиот сојуз на Македонија продолжува да ги штити интересите на граѓаните, на идните генерации и на Република Македонија.
Ќе ги искористиме сите законски и демократски механизми за да спречиме изборна корупција, залоупотреба на парите на граѓаните за изборни цели и ново задолжување на граѓаните.
Откако призна пораз на сите политики во изминатите 10 години, Никола Груевски, пред заминување од премиерската позиција, сака да ги задолжи граѓаните со нови 100 милиони евра на домашниот пазар.
Иако пред неколку дена ја задолжи државата со 270 милиони евра за да може да се исплатат плати, пензии, социјална помош, субвенции, да може да се реализираат капитални проекти.
СДСМ, преку дополнителниот заменик министер, го искористи законското право и во интерес на граѓаните стави вето на новото задолжување од 100 милиони евра.
Одлуката на постоечкиот состав на Државната изборна комисија за одбивање на законското право на вето е очекувана и водена од политичкиот интерес на власта. Дури и во своите последни 5 минути Никола Груевски работи спротивно на интересите на граѓаните.
Актуелниот состав на ДИК, чијшто законски мандат истече на 08.11.2015 година, на неполни 24 часа пред изборот на новиот состав, донесе политички диригирана одлука на штета на граѓаните.
Не може правото на вето на дополнителниот заменик министер да биде почитувано кога се работи за задолжување на меѓународен план, а да не важи за задолжувањето кај домашните банки.
Пред денешната закажана аукција ги повикувам банките да се водат од државниот интерес и од интересот на граѓаните на Република Македонија.
Како најголеми доверители банките мораат да имаат во предвид дека сите аукции на државни хартии од вредност коишто немаат согласност од дополнителниот заменик министер за финансии, ќе бидат предмет на дополнително законско преиспитување, од аспект на нивно третирање како законски јавен долг.
Секое задолжување, поголемо од износот потребен за враќање на доспеани долгови по основ на државни хартии од вредност во наредните закажани аукции, СДСМ ќе го третира како можност за злоупотреба на средства за изборни манипулации, лично од страна на Никола Груевски.
Потенцираме дека до следната аукција на државни хартии од вредност, закажана на 15.12.2015 година, доспеваат за враќање 61 милион евра. Тоа значи дека разликата од 39 милиони е потенцијална злоупотреба на средства за изборна корупција и изборни манипулации.
Секоја банка треба да има во предвид дека над сумата од 61 милиони евра, всушност се финансира изборна корупција.
СДСМ ќе стори се за да спречи изборна корупција и злоупотреба на јавните финансии за изборни цели. Банките мора да имаа во предвид што и за какви цели финансираат.
Македонија не смее да си дозволи повторување на изборните манипулации и изборна корупција. Изборите мора да бидат фер, слободни и демократски.
Дополнително, Македонија не смее да си дозволи да живее само од позајмици и постојно задолжување.
Им укажуваме на домашните банки дека ни стојат на располагање и други механизми за да го спречиме ова финансирање за купување на гласови од страна на власта.
СДСМ ќе ги преземе сите чекори. Изборите на 24-ти април мора да бидат слободни, фер, демократски и регуларни.“- истакна Заев.