Иванов: Честитки до Црна Гора, НАТО да го почитува меѓународното право и преземените обврски за членство на Македонија

Иванов: Честитки до Црна Гора, НАТО да го почитува меѓународното право и преземените обврски за членство на Македонија

„Почитувани,

Министрите за надворешни работи на 28 земји членки на НАТО, упатија покана Црна Гора да стане 29 земја членка на НАТО.

Ние искрено сакаме да им честитаме на граѓаните на Црна Гора и на сите официјални претставници на Црна Гора за овој успех. Затоа, и утрово остварив телефонски разговор со претседателот на Црна Гора, г-динот Вујановиќ и од името на македонските граѓани, честитав за сето она што до сега тие го постигнаа и за добиената покана за НАТО.

Ние како земја од овој регион се радуваме за секој успех на секоја земја, затоа што успехот на секоја поединечна земја придонесува кон стабилноста и сигурноста на целиот наш регион. Меѓутоа, мора да се има предвид дека Македонија одамна ги има исполнето сите услови кои се предвидени за членство за НАТО, но поради блокадата од нашиот јужен сосед се уште сме во статус-кво состојба.

За сите овие работи во изминатиот период информирав многу светски државници со кои остварив и средби. На сите тие средби беше укажано на последиците од блокадите и статус-кво состојбата во која се наоѓа Македонија. Блокадите предизвикуваат фрустрации кај нашето население, но и кај целото општество. Македонија до сега се покажа како почитуван, извонреден партнер на Алијансата, затоа што учествува во сите мисии во кои е поканета, но и до сега остваривме 16 акциони планови за членство и го почнуваме 17-ти т.н. МАП, а се уште го немаме добиено она што го заслужуваме.

Состојбите во светот и во нашиот регион укажуваат на се позачестени терористички акти, укажуваат дека бегалската и мигрантската криза ја нарушуваат безбедноста во целиот наш регион. Се соочуваме со закани кои ги имаме, а кои до сега не биле присутни, што укажува дека имаме нова реалност која мора да ја има предвид НАТО кога ги носи своите одлуки.

Не можеме се уште да опстојуваме на тоа дека станува збор за политичка одлука која е донесена на Самит, а имаме пресуда која треба да биде исполнета. Затоа што до сега, Алијансата постојано се повикува дека мора да биде почитувано меѓународното право и сите преземени обврски. Мислам дека тоа треба да се однесува и на Македонија.

Затоа, уште еднаш сакаме да им честитаме на граѓаните на Црна Гора за овој успех, но очекуваме Алијансата да го има предвид сето она што е нова реалност и сето она што до сега Македонија го остварила на патот на нејзиното членство во НАТО.“– стои во честитката на Иванов.