Од утре започнуваат едукативно забавните училишни игри без граници наменети за учениците од основните училишта од Охрид, во организација на Извидничкиот одред Пионер, а со поддршка на Општина Охрид.
Игрите ќе се спроведуваат во училишните спортски сали, доколку временските услови не дозволуваат истите да бидат спроведени на отворено во училишните дворови. Дисциплините се прилагодени според возраста, од подрачјето на спретност, снаодливост, брзина, тимска работа, логика, ритмика и сл.
„Начинот на натпреварување ќе биде во т.н. куп систем каде што секоја екипа ќе се натпреварува со други врснички екипи, а понатаму продолжува само подобро бодуваната екипа. Најдобрите од едно училиште ќе се натпреваруваат со екипи од друго училиште и така се додека не се дојде до победниците.“- вели Зоран Костоски Старешина на ИО.Пионер.
Термините за одржување ќе бидат за време на викендите,а финалето се очекува кон почетокот на месец мај 2016 година.
„Основна цел на настанот пред се е дружење и стекнувањето на нови пријателства, стекнување на доверба помеѓу учесниците и јакнењето на тимската работа, развивање на натпреварувачкиот дух меѓу децата и откривање на одредени вештини кои што до тогаш немале прилика да ги покажат и презентираат, создавање на почетни лидери, предводници на екипите, јакнење на организациските способности на извидниците во улога на организатори на игрите кои што се на возраст од 12-18.години, промоција на поддршката на децата и младите од страна на институциите (основните училишта, бирото за развоја на образованието, Општината Охрид и ИО.Пионер) пред пошироката јавност, како и градење на традиција.“– додава Костоски.
Во недела со почеток од 12.00 часот започнува првото коло за учениците од ОУ „Христо Узунов“.
Се повикуваат сите заинтересирани (другарчиња,наставници и родители) да присуствуваат и навиваат за својата екипа.