Преосветена црквата „Св. вмч. Пантелејмон“ во Велгошти

Во 27-та Недела по Педесетница и на празникот на светиот Амфилохиј Икониски и на пренесување на моштите на свети Александар Невски, Неговото Високопреосвештенство Митрополитот Дебарско-кичевски г. Тимотеј денес изврши преосветување на светиот Престол во храмот „Св. вмч. Пантелејмон“ во с. Велгошти, Охридско.

Осветувањето на Престолот се изврши поради целосното реновирање на храмот, кое беше иницирано од црковниот одбор од селото, а се заврши со донациите на локалното население, како и донациите на сите добронамерни верници од пошироката околина.

По преосветувањето на Престолот, беше отслужена света архиерејска Литургија, на која чиноначалствуваше Митрополитот Тимотеј, во сослужение на протоереите Никола Христоски и Темелко Донески, свештениците Никола Кипријанов и Горан Ставрески и ѓаконот Сашо Целески.

По завршувањето на Литургијата, Митрополитот Тимотеј се обрати кон многубројниот верен народ со пригодна беседа.