На 1 декември 2015 година стапи во сила Договорот помеѓу Република Македонија и Словачка за социјално осигурување на основа на кој осигурените лица на едната држава договорничка за време на привремен или за време на постојан престој на територија на другата држава договорничка, можат да користат бесплатни здравствени услуги.
Фондот за здравствено осигурување на Македонија потпиша Договор за користење на европската картичка за здравствено осигурување (EHIC) на територијата на Република Македонија за осигурените лица на Словачка кој ќе се применува со стапувањето во сила на Договорот.
На основа на Европската картичка за здравствено осигурување осигурените лица на Словачка ќе можат да користат итни и неопходни здравствени услуги директно во сите здравствени установи кои имаат склучено Договор со Фондот за здравствено осигурување на Македонија. Македонските државјани кога ќе патуваат или ќе бидат на престој во Словачка ќе можат на основа на довјазичниот образец да користат здравствени услуги за итни и неопходни случаи.
Европската картичка за здравствено осигурување (European Health Insurance Card, EHIC) во земјите членки на Европската Унија се воведе во Јуни 2004 како документ кој го замени дотогаш постоечкиот образец за привремен престој Е 111. Целта на оваа Пан Европска иницијатива била да се зајакне мобилноста на населението внатре во ЕУ, како и во земјите кои не се членки на ЕУ, со потпишување на посебни договори со овие земји.
Фондот за здравствено осигурување на Македонија има потпишано договор за користење на европската картичка за здравствено осигурување на територијата на Република Македонија со Република Словенија, Чешката Република, Сојузна Република Германија, Република Бугарија, со Големото Војводство Луксембург, Кралството Белгија, Кралството Холандија и со Република Австрија.
Со потпишувањето на Договорот за користење на европската картичка за здравствено осигурување (EHIC) со Словачка Република, Фондот за здравствено осигурување на Македонија има потпишано вкупно 9 Договори со земји членки на Европската Унија.
Успешното и доследно спроведување на договорите за користење на европската картичка за здравствено осигурување (EHIC) на територијата на Република Македонија, претставува силен аргумент во насока Република Македонија да стане член на големото европско семејство, на кое и припаѓа.