На 3 Декември започна обуката за Напреден спортски менаџмент на втората генерација на кандидати предложени од страна на Националните спортски федерации, високо образовните институции, Агенцијата за млади и спорт на Република Македонија, општините и Градот Скопје. Главна цел на оваа обука е унапредување на ефикасноста во работењето на спортската администрација во Република Македонија како основа за подобрување на врвните спортски резултати на најдобрите македонски спортисти. Обуката ќе биде испорачана во областите на спортскиот менаџмент, спортската администрација, финансиски менаџмент, менаџмент на човечки ресурси, организација на врвни спортски натпревари и организација на олимписки спортски организации.
Предавањата ги започна проф. д-р Ленче Алексовска Величковска од Факултетот за физичко образование, спорт и здравје при УКИМ, а останатите предавачи доаѓаат од редот на врвните европски Универзитети и Факултети за спортски менаџмент. Според правилата на ИОК, за да може да се здобијат со правото на изготвување и одбрана на завршен труд, кандидатите мора да реализират 100% присуство на сите предавања.