Отслужена богослужба и литургија во манастирот „Св. Климент и Пантелејмон“ на Плаошник

Вчера во манастирот „Св. Климент и Пантелејмон“ на Плаошник во Охрид, започна прославувањето на великиот празник на светиот Климент Охридскиот Чудотворец и на светиот Климент папа Римски. Празнувањето започна со свечена Вечерна богослужба, на која чиноначалствуваше Неговото Високопреосвештенство Митрополитот Дебарско-кичевски г. Тимотеј, во сослужение на протоереј-ставрофор Сашо Богданоски, протереите Никола Христоски и Димче Ѓорѓиески, свештениците Владо Недески, Ѓорѓи Блажевски и Роберт Илијевски и ѓаконите Сашо Целески и Христијан Костоски.

По завршувањето на Вечерната, беше отслужен и Молебен на свети Климент Охридски, а Митрополитот Тимотеј се обрати кон верните чеда со пригодна беседа. На Вечерната богослужба присуствуваа и претставниците од Советот на општина Охрид, кои со свечена поворка пристигнаа во Светклиментовиот манастир.

По повод празнувањето на светиот Климент Охридски Чудотворец и светиот Климент папа Римски, денес во манастирот „Св. Климент и Пантелејмон“ на Плаошник во Охрид, беше отслужена света архиерејска Литургија, на која чиноначалствуваше Неговото Високопреосвештенство Митрополитот Дебарско-кичевски г. Тимотеј, во сослужение на архимандрит Нектариј, протоерејот Никола Христоски, свештениците Владо Недески, Љупчо Бакрачески и Роберт Илијевски, протоѓаконот Николче Ѓурѓиноски и ѓаконите Сашо Целески и Христијан Костоски.

На Литургијата, покрај многубројниот верен народ, присуствуваа и претставниците на општина Охрид, предводени од градоначалникот на Охрид, Никола Бакрачески.

По завршувањето на Литургијата, беше прекршен празничниот колач, а Митрополитот Тимотеј се обрати кон верниците со пригодна беседа.