Деветти декември-денот на превенцијата, СВР Охрид ќе го одбележи работно и со реализација на двата едукативни проекти „Мојот пријател полицаец“ и „Реонскиот полицаец Ве советува“.
Во рамките на одбележување на денот на превенцијата, денес полициски службеници ќе ја посетат детската градинка „Росица“, каде во соработка со локална самоуправа-Сектор за образование, и ЈОУДГ „Јасна Ристеска“, се спроведува проектот „Мојот пријател полицаец“.
Во Централното основно училиште „Братсво“, предвидено е едукативно предавање во врска со проектот „Реонскиот полицаец Ве советува“, што СВР Охрид го реализира со секторот за образование при локалната самоуправа.
Целта на овие активности е подигнување на свеста кај младите за поголема безбедност во заедницата како и зголемување на нивната доверба кон полицијата како служба која служи и штити.
Превентивната функција е новиот лик и новиот имиџ на полицијата во демократските општества и претставува врв на полициските приоритети. Во основата на превентивното работење лежи потребата од дијалог на полициските службеници и граѓаните, со цел лоцирање и идентификување на безбедносните проблеми во локалната заедница и изградба на заеднички ефикасен систем за заштита од криминалот.
Превентивното работење е обид за градење на партнерство со граѓаните во решавањето на локалните безбедносни проблеми и изнаоѓање на најдобри решенија со кои ќе се намали стапката на криминалитетот, ќе се спречат штетните последици по граѓаните и општеството а воедно ќе се подобри целокупната безбедносна состојба.
Во изминатиов период, СВР Охрид има реализирано повеќе проекти на превентивен план што се спроведувале самостојно но и во соработка со локалната самоуправа, школските и претшколски центри, Црвениот крст, невладините организации и други институции. Меѓу другите, успешно се реализирани проектите за превенција од кражби на плажа, од моторни возила и паричници, проекти против злоупотреба на дрога и други облици на зависности и деструктивни појави, зајакнување на капацитетот на полицијата и примена на концептот на работа со заедницата, проект за безбедни училишта“, проект за безбедност на вода спроведен со езерската полиција, охридската капетанија и Црвениот крст, проект против злоупотребата на визната либерализација, проект „Мојот пријател полицаец“ реализиран со детските градинки, проект „Внимавајте на вашата безбедност“ реализиран со здружението на пензионери како и неколку проекти против насилството и малолетничката деликвенција.