Богата културна програма за претстојните празници

За време на новогодишните и божиќните празници македонските граѓани ќе уживаат во настаните кои за нив ги подготвуваат националните установи од областа на културата, Македонската филхармонија, Македонската опера и балет, МНТ, „Танец“ и останите институции. Ова на денешната прес­конференција го соопшти министерката за култура Елизабета Канческа ­Милевска. Минатата година, потсети таа, почнавме со една убава традиција која ја практикуваат големите оркестри во светот, а тоа е реализација на новогодишен и божиќен концерт.

Посетителите ќе имаат можност да уживаат во популарните музички фрагменти од делата на големите автори на оперетите, полките, валцерите, но, и останатата домашна и светска класика. ­ На први јануари, во вечерните часови ќе се оддржи Новогодишниот концерт на Македонската опера и балет на кој ќе настапат реномираните оперски солисти со интернационална кариера, оркестарот, хорот и балетскиот ансамбл на Македонската опера и балет под диригентската палка на маестро Борјан Цанев, рече Канческа Милевска. За Божиќниот концерт, предвиден на 7 јануари во Македонскиот народен театар ќе биде задолжена нашата најстара музичка институција, Македонската филхармонија. На концертот ќе бидат изведени атрактивни дела од домашната и светска музичка литература под водството на македонскиот диригент, маестро Саша Николовски Ѓумар.

На 23 декември во Македонската опера и балет, Новогодишен концерт ќе има големиот амбасадор и афирматор на македонската култура и традиција, Ансамблот за народни игри и песни „Танец“. Ќе бидат изведени најпознатите танци и ора од нашата богата етнокореолошка традиција. ­ Провокација за посетителите и за љубителите на уметноста во Новиот театар ќе биде и премиерната изведба на првиот лиценциран мјузикл кој воопшто е направен во Република Македонија, „Чикаго“, во режија на Наташа Поплавска, копродукција на Македонскиот народен театар и Македонската опера и балет, потенцира Канческа ­Милевска.

Според неа, на 28, 29 и 30 декември јавноста ќе може да проследи еден вистински музичко­ сценски спектал, кој на сцената ќе понуди многу визуелни ефекти и повеќе од 70 талентирани театарски и музички изведувачи, балетски и оперски солисти од овие установи и од Факултетот за музичка уметност.

На Василичарскиот концерт на Македонската опера и балет, македонските изведувачи ќе ги изведат најпрепознатливите рефрени на композициите кои во изминатите дваесет години беа изведени на фестивалот на забавна музика „Макфест“. Таа изрази надеж дека во сите овие настани ќе ужива публиката од сите генерации. За најмладите, Македонската филхармонија на 20 декември ќе го одржи традиционалниот новогодишен концерт за деца. Диригент на концертот ќе биде Саша Николовски Ѓумар.

Игор Дурловски, директор на Македонската опера и балет додаде дека на Новогодишниот концет ќе бидат изведени најпопуларни штраусови полки, како и сегменти од најизведуваните оперети на големиот мајстор Имре Калман. Како солисти ќе настапат првенците Ана Дурловски и баритонот Марјан Јованоски, како и Михајло Арсенски кој 15 или 20 години работи и живее во Германија. На Василичарскиот концерт предвидено е да настапат Тамара и Тијана, Елена Ристеска, Сара Мејс, Влатко Лозановски, Димитар Андоновски… Директорката на Македонската филхармонија Маја Чаначевиќ најави дека на 17 декември имаат претпразничен концерт, под раководство на Борјан Цанев. Зоран Џорлев, директор на Ансамблот за народни игри и песни “Танец“ истакна дека нивниот кокнцерт ќе трае околу 120 минути.

05_nov_god