На денеска одржаната седница на Парламентарно Собрание на Парламентарната димензија на Централноевропската иницијатива, министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски зборуваше за миграциската и бегалската криза. Според министерот, кризата која ни се случува не е наш личен неуспех, неуспех на неколку земји во регионот или неуспех на Европа. Ова е неуспех за човештвото, затоа што овој наплив на луѓе кои од една или од друга причина се тргнати да го бараат своето подобро утре во некоја друга земја, која не е нивна татковина, самото по себе кажува дека станува збор за глобален неуспех да ги решиме причините за овие миграциски движења. Бегалците кои бегаат од конфликтните подрачја и мигрантите кои заедно со нив бегаат од сиромаштијата, дискриминацијата и очајот не треба да се третираат како различни, оние кои заслужуваат и оние кои не заслужуваат меѓународна заштита, истакна Спасовски.
Како што рече министерот, соработката со земјите од регионот, но и со целата меѓународна заедница е најважен момент во справувањето со актуелната криза од вонредни размери. Какви мерки и да преземе Република Македонија или било која друга земја од западно балканската рута, Европска унија или светот, факт е дека ниту една земја не може самостојно да ја надмине мигрантаската кризата, ниту пак да се носи со различните предизвици кои кризата секојдневно ги наметнува. Според Спасовски, тоа значи дека ниту решение на ниво на држава, ниту регионално решение на кризата не се реални опции. Меѓународната соработка и помош, навремената размена на информации, редовна и непречена комуникација, зачестени средби меѓу високите државни органи на засегнатите земји и меѓународните организации со цел донесување заеднички одлуки во сечиј прилог, се клучни за зачувување на националната безбедност на секоја од земјите, како и запазување на хуманиот аспект на ситуацијата во која сите сме затекнати, смета министерот за внатешни работи.