Груевски: Невработеноста се намали на 25,5 отсто, 13 отсто помалку од 2006

Овој квартал во Македонија се вработени речиси 12.000 луѓе. Трендот продолжува, а невработеноста се намали на 25,5 отсто што е намалување за речиси 13 отсто од периодот кога дојдовме во Владата, изјави денеска премиерот Никола Груевски.

„Откако сме дојдени во Владата невработеноста се намалува. Овојпат откако светската и европската криза се зад нас имаме најголемо намалување во еден кваратал, а тоа е за 1,3 отсто. Вработени се речиси 12 илајди луѓе во само три месеци и тој тренд продолжува. Тоа е во месеците јули, август и септември и невработеноста е намалена за еден квартал од 26,8 на 25,5, а земено од периодот кога дојдовме на власт во 2006 година кога беше околу 38 отсто е намалена на 25,5 отсто, значи за речиси 13 отсто“, рече Груевски, кој денеска беше во посета на Општина Кисела Вода.

Она што е уште поважно, а што најмногу ме радува, истакна тој, во времето кога дојдовме во Владата, Македонија броеше се на се 560 илјади вработени, а денес се вработени 711.000, значи 150.000 нови работни места за овој период.

„Тоа не се работни места за некој што отишол во пензија, ова се новоотворени работни места, околу 151.000 нови работни места. Тоа е огромен успех особено ако се земе предвид низ што се поминавме во овие години на глобална криза која траеше четири години и европска должничка криза која исто така траеше две – три години“, рече премиерот.

Повеќе од две третини од периодот кога ВМРО-ДПМНЕ е во Владата, потенцираше тој, работеше и делуваше во услови на сериозни надворешни економски шокови.

„И во такви услови континуирано секој квартал невработеноста се намалуваше. Сега кога тие грижи се зад нас и политичката криза во Македонија од првата половина од годината се стабилизира, кога имаме чист терен на работа имаме 12.000 нови работни места во последниот квартал и таквото темпо продолжува. Мислам дека и наредната статистика што ќе излезе за овој квартал што сега тече – октомври, ноември, декември, ќе биде повторно со сериозно намалување затоа што она атмосферата во економијата во третиот квартал е и во четвртиот квартал дури, можеби и подобра“, рече Груевски.