Министерот за одбрана на Република Македонија, Зоран Јолевски и началникот на Генералштабот на АРМ генерал-потполковник Методија Величковски денеска во Домот на АРМ остварија традиционална годишна средба со одбранбените аташеи акредитирани во Република Македонија.
„Одличната соработка со вас е потврда за одличната одбранбена соработка помеѓу Република Македонија и вашите земји“, им порача министерот Јолевски на аташеите. Оваа година, рече министерот, беше одбележана од поголем број реформи во одбранбениот систем. Тој ги спомена продолжувањето на придонесот во мисијата „Одлучна поддршка“ во Авганистан, продолжувањето на процесот на евалуација на декларираните единици, унапредувањето на интероперативноста на Армијата и учеството во меѓународни вежби. Како суштински елементи од одбранбените реформи, министерот ги спомена почетокот на процесот за модернизација, реализацијата на проектот „АРМ – мој вистински дом“ и трансформацијата на Воената академија.
„Наш највисок приоритет за наредната година останува континуитетот во спроведувањето на реформите. Интеграцијата во НАТО-алијансата останува наша стратегиска цел и во иднина“, заклучи министерот Јолевски на традиционалната средба.
На средбата присуствуваа и државниот секретар во Министерството, Елизабета Чуповска Ристова, раководителите на секторите во Министерството, како и началниците на одделите во Генералштабот на Армијата на Република Македонија.