Регионална коференција „Миграција на балканската рута-донаторска координација и хуманитарни предизвици”

„Република Македонија е дел од Западно Балканската рута и е силно погодена од бегалската и мигрантска криза. Во услови на масовен прилив на мигранти од вакви размери, си поставивме две примарни цели. Првата- заштита на животот и здравјето на мигрантите, сузбивањето на криумчарењето на мигранти и трговијата со луѓе, а втората -заштита на националната и јавната безбедност и заштита на јавното здравје“.

Ова меѓудругото го истакна министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски во своето денешно поздравно обраќање во рамки на Регионалната конференција – “Миграцијата на балканската рута – донаторска координација и хуманитарни предизвици“ што во организација на Секретаријатот за европски прашања и Советот за регионална соработка се одржува во скопскиот хотел “Александар Палас“.

Според Спасовски во изминатите шест месеци беа направени бројни законски измени со цел да им се овозможи на странските државјани на граничните премини или во внатрешноста на државата да искажат намера за поднесување на барање за признавање на право на азил.

„Оваа мерка имаше две главни цели: полицијата да добие подобар увид во состојбата и да има подобра евиденција и второ, мигрантите да може да го легализираат својот престој во земјава со што на располагање би ги имале и средствата за јавен превоз, и со тоа практично го намаливме ризикот по животот и здравјето на мигрантите, а воедно и ги подобривме условите за овозможување на хуманитарна и здравствена помош на мигрантите“, нагласи Спасовски.

Меѓутоа како што потенцираше Спасовски – “законските измени доведоа и до дополнителен ангажман на институциите во Република Македонија. Вонредно се ангажирани дополнителни човечки и материјално-технички ресурси на сите надлежни институции во државата со цел соодветно регистрирање на мигрантите, како и обезбедување на неопходна помош при нивниот влез и транзит. Од аспект на Министерството за внатрешни работи, справувањето со миграционата криза претставува дополнително оптоварување на буџетот.“

Илустрирајќи го изнесеното Спасовски илустрираше дека МВР троши повеќе од еден милион евра месечно, и независно што повеќепати се одржани донаторски конференциии, до денес Република Македонија најголема помош и поддршка доби од страна на Чешката Република, УНХЦР и ИОМ. На крајот Спасовски ги поздрави напорите на ЕУ за зголемување на финансиската помош преку ЕУ агенциите и користењето на инструментите од процесот на пристапување, притоа апелирајќи за интензивирање на поддршка за институциите вклучени во справувањето со мигрантската криза