Во ЈЗУ „Завод за превенција и лекување на кардиоваскуларни заболувања Свети Стефан” од Охрид се одржа едукативна работилница насловена како „Заболувања на периферни артерии, предизвици и третман“ на која присуствуваа еминентни имиња од областа на интервентната кардиологија, на која беа презентирани интервенции врз пациенти, разменувани беа искуства и знаења и беа презентирани конкретни искуства кои ги имале докторите од самиот завод но и од други болници од Македонија, Србија и Словенија.
Две од интервенциите во рамки не едукативната работилница заедно со врвниот интервентен кардиолог Др. Ара Угурлуоглу изведе Др. Никола Бакрачески , а една Др. Дејан Манчески.
На панелот свои предавања имаа Др Ара Угруоглу, Проф. Др. Славчо Тошев и Др. Винко Боц како и специјалистот радиолог Ѕвонко Атанасов.
Свои презентации за конкретни случаи од работното искуство покрај гостите имаа и докторите Дејан Манчески и Стојан Митрески кои се дел од тимот на ЈЗУ Завод за превенција и лекување на кардиоваскуларни заболувања Свети Стефан.
Присутни во салата каде се следеа интервенциите беа повеќе доктори од останатите кардиолошки центри низ земјава, кои имаа ретка можност во ЈЗУ “Завод за превенција и лекување на кардиоваскуларни заболувања Свети Стефан” да добијат нови знаења од светски реномирани , но и од домашни врвни имиња и експерти од интервентната кардиологија.
„Сметам дека во Република Македонија не се искористени сите опции за третман на овие заболувања и затоа наша цел беше со оваа работилница да се запознаат поголем дел од центрите во Македонија кои ја третираат оваа болест, преку оваа работилница да дојдат до нови знаења и во иднина да размислуваат овие знаења да ги воведат во нивните матични установи од каде доаѓаат , а се со цел да имаме поадекватен третман на периферната артериска болест како кај нас во нашата установа, така и во другите центри низ земјава“ – вели Др Никола Бакрачески, кој беше и главен носител на активностите за организација на овој настан.
Оваа едукативна работилница се изведуваше на две локации во самата болница, поконкретно во салата за интервенции и конгресната сала на ЈЗУ “Завод за превенција и лекување на кардиоваскуларни заболувања Свети Стефан”. Двете простории беа поврзани со видео врска во живо, а присутните во конгресната сала интервенциите ги следеа на видео бим, додека истовремено во живо можеа да комуницираат , да поставуваат прашања или да даваат сугестии кон докторите во интервентната сала која со помош на видео врските стана достапна за сите кои всушност физички не беа во неа.
ЈЗУ „Завод за превенција и лекување на кардиоваскуларни заболувања Свети Стефан” по втор пат организира ваква едукативна работилница применувајќи технички најсовремени методи на организирање на настаните, со што покрај во останатите области стана лидер во Република Македонија и во организирање на вакви настани, по примерот на светските центри.