Турскиот театар-Скопје денеска ја промовира монографијата „Со сигурни чекори до целта“, во рамки на одбележувањето 65 години од основањето.
Директорот на Турскиот театар-Скопје Атила Клинче на денешната промоција рече дека монографијата е продолжение на првата книга промовирана по повод 60 години на Турскиот театар, која е единствена институција на Балканот и во Европа, која што продуцира свои претстави на свој мајчин јазик и веќе 65 години постои на македонската сцена и успешно делува.
„Со одбележување на својата годишнина театарот започна на 28 јануари со претставата „Сон на летната ноќ“, потоа со претставата „Прометеј“ и премиерата на Охридско лето на „Слуга на двајца господари“, а утревечер ќе биде премиерно изведена „Генерална проба за самоубиство“ од Душан Ковачевиќ во режија на Билге Емин со која сезаокружува прославата,“ нагласи Клинче.
Монографијата „Со сигурни чекори до целта“, додаде Клинче, е сублимат на активностите на Турскиот театар во последните пет години од 2010 до 2015 година и изобилува со фотографии за ансамблот, а е финансирана од Министерството за култура.
Министерката за култура Елизабета Канчева-Милевска на промоцијата истакна дека монографијата и посебно нејзиниот наслов „Со сигурни чекори до целта“ остава силен впечаток, но претставува еден убав повод да се осврнеме на придонесот на сите доајени и сегашни актери и режисери на Турскиот театар, на сите убави моменти, на сите значајни настани кои го одбележаа шестдецениското постоење на овој ансамбл.
„Монографијата на еден симболичен начин ни го опишува патот кој уметниците на овој театар го поминаа до посакуваната цел. Ни ја пренесува вербата, трудот, љубовта, посветеноста и константното надградување на овој ансамбал кој целиот свој професионален век го вложи во градењето на реномето на оваа наша значајна институција,“ рече Канчева-Милевска, додавајќи дека Турскиот театар е несомнено потврда дека културата на една држава во многу нешта зависи во почитувањето и афирмацијата на културните различности кои опстојуваат на нејзиниот простор.
Промоторот на монографијата Лилјана Мазова нагласи дека во книгата на 320 страници е распространа меморијата наТурскиот театар, со акцент на последните пет години и содржи 136 фотографии од претстави и 93 фотографии од новиот театар, од гостувања, награди и признанија на ансамблот.
„Во неа 18 автори пишуваат за своите искуства, за својата љубов и за чувството на професионален однос и работа, но и желба да ја продолжат таа соработка со Турскиот театар“, истакна Мазова, додавајќи дека изминатите пет годинисе направени 17 претстави кои гостувале 54 пати надвор од својата сцена и освоиле 14 награди дома и надвор.
Турскиот театар е формиран на 9 јули 1950 и прва премиера му била „Сомнително лице“ од Бранислав Нушиќ, во режија на Абдуш Хусеин, а наскоро ќе добие и нов објект кој се гради во близина на Железничката станица, на површина од 2.600 метри квадратни.
Промовирањето на монографијата за континуираниот развој на оваа национална установа во изминатите шест и пол децении е организирано на Денот на наставата на турски јазик – 21 декември, кој е национален празник на турскатазаедница во Македонија.