Националната агенција за европски обрзовни програми и мобилност на валоризациска конференција ги презентираше успешните проекти од програмата „Еразмус плус“ кои се завршени во 2015 година и кои ќе бидат дел од конкуренцијата за успешни проекти на Европската комисија на ниво на Европа.
Директорот на Агенцијата Дарко Димитров изјави дека оваа година искористеноста на средствата од европскиот фонд е исклучително висока бидејќи од 4.230.000 евра, колку што бил буџетот на располагање за Македонија, искористени се 96 проценти. Соопшти дека од 2013 до сега има повеќе од 300 проекти. Во 2015 одобрени се 96 проекти, а аплицирани биле 316.
„Република Македонија е полноправна членка во европската програма „Еразмус плус“, што беше направено со исклучително добрата соработка со Европската комисија, која оддаде признание за успешноста на работата на Националната агенција и затоа дозволи РМ да стане полноправна членка. И буџетите од година во година постојано се зголемуваат што претставува уште еден показател дека Националната агенција за европски обрзовни програми и мобилност работи успешно и транспарентно. Овој месец имавме супервизорска посета од ЕК и бевме оценети исклучително позитивно во имплементација на проектите од 2013 до 2015 година“, рече Димитров.
Заменик-министерот за образование и наука Спиро Ристовски истакна дека 96-те проценти искористеност на средствата од буџерот наменет за Македонија за програмата „Еразмус плус“ е потврда за интензитетот и квалитетот со кои корисниците се повеќе наменски ги употребуваат седствата.
„За разлика од минатото кога постоеја извесни шпекулации, се зголеми целокупниот процес на транспарентност во начинот на распределба на овие средства. Искористувањето на овие средства од универзитетите, основните и средните училишта, а годинава првпат и од една градинка, за нив претставува директно поврзување со нивните колеги и размена на искуства и кадар. Преку корисниците на овие средства, Република Македонија станува целосен партнер, не само во програмата, туку партнер во системот на образование на европско ниво“, рече Ристовски, додавајќи дека за МОН е важно што без забелешки поминала последната извршена супервизија за работењето на Националната агенција.
На новинарско прашање во врска со најавата за отворање нов државен универзитет во Скопје и дали со него ќе се зголеми концентрацијата на студенти во главниот град, Ристовски одговори дека во изминатите години се отворени многу дисперзирани студии низ Македонија, а новата високообразовна институција ќе биде профилирана за студии од техничките науки. Посочи дека ќе биде можност за размена на студенти и професори со оглед дека ќе биде тријазичен (македонски, албански и англиски).
„Ние сме прва Влада која почна со процес на дисперзирани студии, прва Влада сме која отвори два нови државни универзитети, во Штип и во Охрид, кои функционираат одлично. На новиот универзитет во најголем дел ќе се студираат технички науки. Не мислам дека ќе направи дисбаланс во однос на бројот на студентите, затоа што главно просекот на студенти кои студираат во Скопје се повторува од година во година. Како и на другите универзитети, и на овој Владата ќе дава согласност за квоти за студии согласно со потребите на пазарот на трудот и со реалните потреби на високото образование во Македонија“, рече Ристовски.