Продолжува победничката серија на македонскиот кошаркарски шампион МЗТ Скопје Аеродром во регионалната АБА лига. Синоќа, на дербито во Спортската сала „Јане Сандански“ во рамките на 15 коло МЗТ Скопје го совлада најтрофејниот тим во регионалното друштво српскиот прволигаш Партизан со 82-78 (27:19; 14:21; 21:16 и 20:22), остварувајќи ја на тој начин третата победа во низа во АБА конкуренцијата.
Првата четвртина МЗТ Скопје ја реши во своја корист пред се благодарение на одличниот напад и постигнатите 27 поени. Но, на полувремето нашиот првак имаше само поен предност (41:40). Во 25 минута МЗТ Скопје имаше и двоцифрена предност (+11) 53:42. Сепак повеќекратниот шампион на АБА лигата Партизан успеа во четвртиот период и да поведе со 69:66. Во последните две минути кошаркарите на МЗТ Скопје предводени од Дамјан Стојановски и Марко Луковиќ беа поуспешни со 13:9 за конечен триумф.
Урош Луковиќ и Ѓорѓе Дреновац кај МЗТ Скопје со 20 односно 17 поени беа најефикасни, додека на дуелот најпрецизен беше Вилсон од Партизан со 21 поен.
Табела: Цедевита 13-3 (победи-порази), Будуќност 13-2, Црвена Звезда 11-4, Мега 10-5, Крка 8-8, МЗТ Скопје Аеродром 7-9, Тајфун 7-9, Задар 7-9, Цибона 6-10, Олимпија 6-9, Паризан 6-10, Игокеа 5-10, Металац 5-10, Сутјеска 4-11.